Самоуништување

Инаетот им се одби од глава на тетовци

Неразбирливиот инает што раководството на Шкендија го тера со младинските репрезентативци Бесир Демири и Егзон Бејтулаи им се одби од глава на тетовци и на нивните шампионски амбиции

објавено: 23 октомври 2016 - 18:43

Неразбирливиот инает што раководството на Шкендија го тера со младинските репрезентативци Бесир Демири и Егзон Бејтулаи им се одби од глава на тетовци и на нивните шампионски амбиции. Титулата сеуште не е загубена, но сега шампионот Вардар има огромна предност и капитал од две победи во двата меча со главниот ривал.

А, Бесир Демири и Егзон Бејтулаи наместо на терен, повторно беа на трибините и заедно со оправдано отсутниот Марјан Радески од ложата на стадионот во Тетово го гледаа дербито. И веднаш беше забележливо дека на Шкендија многу и недостасува тркот во играта што го носат Демири и Радески и упорноста, борбеноста и квалитетот во одбраната на Бејтулаи. Со триото младински репрезентативци и фудбалски херои на Македонија, веројатно и Шкендија ќе беше многу посилна во сите сегменти од играта.

Но, поради сопствените слабости Шкендија сама си направи проблем, па на теренот ја немаше експлозивноста и брзината што ја поседуваат и Бесири и Бејтулаи и овојпат оправдано отсутниот Радески. Промајата во одбраната вардарци умешно ја искористија и победија со 2:0, за лидерската позиција на табелата со 25 бода, пет повеќе од Шкендија, која има меч помалку, но и два порази од главниот ривал во трката за титулата.  

Најново во Фудбал