Претседателот на Победа предупредува

Ингилизов: Тенка е понудата на квалитетни македонски фудбалери

Претседателот на Победа, Гоце Ингилизов, вели дека понудата на квалитетни македонски фудбалери е многу тенка, а менаџерите кои нудат играчи за нашите прволигаши ги фаворизираат странците

објавено: 24 декември 2016 - 14:59

Претседателот на Победа, Гоце Ингилизов, вели дека понудата на квалитетни македонски фудбалери е многу тенка, а менаџерите кои нудат играчи за нашите прволигаши ги фаворизираат странците.

„Има голем проблем во македонскиот фудбал. Ние сметаме дека сме фудбалска нација и дека имаме безброј фудбалери кои се квалитетни за да играат во Првата лига, но не е така. Верувајте дека мака мачиме да најдеме фудбалер кој со сигурност би го подигнал квалитетот на нашата игра. Посебно во овој зимски преоден рок, а и во летото беше така. Сите велеа дека има фудбалери на располагање, вакви, такви...Кога ќе прашате фудбалските работници за совет кој фудбалер да се ангажира, да посочат некој на конкретна позиција, тука застанува муабетот. Сите велиме дека има, ама на крајот испаѓа дека понудата на квалитетни фудбалери во Македонија кои можат да го подигат нивото на фудбалот и на екипите е многу мала", вели Ингилизов.

Победа по долг период се врати во Првата македонска фудбалска лига и целта е да се обезбеди опстанок, па потоа од следната сезона да се атакува на пласман во Европа. Веќе се договорени две засилувања и тоа од странство. Рамон и Војводиќ треба да го засилат нападот на прилепчани, за подобар ефект од есенските 16 погодоци во 18 кола во нашата Прва Лига. Ингилизов потенцира дека Победа сака да ангажира и наши фудбалери, но тука имаат проблем речиси сите екипи во Македонија.

„Не сакам да бидам сфатен погрешно. Јас не велам и не можам да го оценам квалитетот на фудбалери затоа што јас не сум фудбалски работник, не сум ни тренер нити имам лиценца за тренер. Проблемот настанува кога разговараме со некој стручен за таа работа кој ни вели има фудбалери, донесете засилувања, ваков играч, таков играч... И кога ќе го прашате: Кажете кој?, тука застанува разговорот. Нема понуда. Значи сакам да појаснам дека јас не велам дека во Македонија нема добри фудбалери. Ние и во Победа имаме 7-8 екстра квалитетни фудбалери кои доколку физички добро се спремат , мислам дека Победа ќе ја носат до 3-то место и излез во Европа. Тоа го гарантирам!. Истото се случува во сите клубови. Немаат понуда а кога ќе побарате конкретно, одговараат:Барајте странец. Не сакам да навредам фудбалер или фудбалски работник во Македонија. Но проблемот е реален и очевиден. Имаше пред некое време оглас за ангажирање на фудбалери во германска Прва лига и сите го зедоа како шега. Дури се доведувам во ситуација да распишеме оглас за фудбалери па да видиме кој ќе се пријави. Верувајте разговараме со 7-8 менаџери кои имаат фудбалери и од Македонија, и од Балканот и Европа па и подалеку. Нивната понуда секогаш е странец. Многу ретко ние добиваме понуда за домашен фудбалер. Тоа е голем проблем на кој треба долгорочно да се размислува ", потенцира Ингилизов.

Победа по есенскиот дел е на осмата позиција со 15 бода колку што има и Македонија Ѓорче Петров, во конкуренција на 10 екипи.

Најново во Фудбал