Се измешаа лончињата, важен е пазарот

Исчезнува ривалитетот во мак-фудбалот, Вардар купува од Шкендија, на повидок и „трампа“ со Пелистер, Победа и Силекс пазарат од Вардар...

Чуден ќе биде зимскиот преоден рок во македонскиот фудбал, а како тргнале работите старите ривалства меѓу клубовите полека исчезнуваат. Важно е да се пазари, па макар и Вардар купувал играч од Шкендија, или Победа и Силекс очекуваат да се засилат со играчи од редовите на шампионот

објавено: 29 декември 2016 - 16:30

Чуден ќе биде зимскиот преоден рок во македонскиот фудбал, а како тргнале работите старите ривалства меѓу клубовите полека исчезнуваат. Важно е да се пазари, па макар и Вардар да си купи играч на Шкендија, или Победа и Силекс да си очекуваат да се засилат со играчи од редовите на шампионот.

Првиот чекор го направи Вардар со трансфер бомбата и ангажманот на Бесир Демири, токму од редовите на најголемиот конкурент за титулата Шкендија. Овие два тима го кренаа ривалитетот на точка на вриење во последните неколку сезони и постојано се главни кандидати за шампионската круна. 

Порано би било чудно воопшто и да се преговара за трансфер на играчи на релација Скопје-Битола. Или поточно вечните ривали на мак-фудбалот Вардар и Пелистер да договараат купопродажба на фудбалери. Сега се најавуваат секакви сценарија, па можно е во пакет за Битола да заминат голманот Пачовски, Брдаревски и Љамчевски, во замена за Гоијано и Тошевски. Или пакетот на разменети играчи да биде помал, па двајца играчи на Вардар да заминат во Пелистер, а во Скопје да пристигне одличниот младински репрезентативец Тошевски. Нешто што порано беше незамисливо, сега е блиску до реализација и тоа во овој преоден рок. 

На таа релација е и желбата на Победа да го ангажира Џон Обрегон од Вардар, а се преговара и за таков трансфер. Знаејќи го ривалитетот на прилепчани и скопјани, ваков потфат во минатото би изгледал невозможен. И трикратниот македонски шампион Силекс се надева дека ќе успее да ги доведе во своите редови Глишиќ и Стојков, моментно фудбалери на Вардар, за инает на големиот ривалитет на двата клуба што особено беше изразен во втората половина на последната декада од минатиот век. Во спротивна насока од Кратово кон Скопје подготвен е да тргне Недељковиќ.

Ваква мазна соработка на клубови што порано биле жестоки ривали, размена или купопродажба на играчи на ангро, како што веројатно ќе има во зимскиот преоден рок, ги урива сите бариери и ривалства во македонскиот фудбал.

 

Најново во Фудбал