НАЈТРОФЕЈНИОТ МАКЕДОНСКИ КЛУБ ПОДГОВУВА „РЕМОНТ“

ИСТЕКУВААТ ДОГОВОРИТЕ: Вардар после Шкупи останува без 9 играчи!?

Засега нема најави за продолжување на договорите на Глишиќ, Грнчаров, Новак, Хамбарџумјан, Глигоров, Блажевски и Стојков, а веќе се заминати Велковски и Стојчевски

објавено: 19 мај 2018 - 10:30

На деветмина играчи во Вардар им истекуваат договорите ова лето, а засега од таборот на „црвено-црните“ нема најави за нивно продолжување. Доколку не се продолжат, тогаш минимум деветмина играчи ќе си заминат од вице-првакот, а можеби бројката ќе се зголеми доколку уште некој си побара нова средина. 

Вардар ќе остане без ниту еден стопер. После заминувањето на Дарко Велковски во Риека, екипата летово останува и без Евгениј Новак и без Бобан Грнчаров, кои исто така имаат договори до јуни 2018 година. 

ХАМБАРЏУМЈАН И ГЛИГОРОВ ВЕЌЕ ЗАМИНАТИ!?

Истекува договорот и на Ховханес Хамбарџумјан. Фудбалерот кој што во минатото во неколку наврати најавуваше трансфер во голем клуб, сега заминува како слободен играч. Нема најави за продолжување на соработката, и од тука е јасно дека нема да се смета на нив. Информациите кажуваат дека тој веќе си заминал од тимот, исто како и искусниот Никола Глигоров кој што е пред трансфер во Етникос Ахна. 

ЗАСЕГА НЕМА ПРОДОЛЖУВАЊЕ СО НАЈДОБРИОТ СТРЕЛЕЦ

Неизвесно е и натаму што ќе се прави со првиот стрелец Дејан Блажевски кој што веќе е во преговори со неколку тимови каде што би можел да ја продолжи кариерата. Се споменува Беласица, како и неколку екипи од Грција, каде што настапуваше низ својата кариера. Од актуелните играчи, Блажевски е најдобар стрелец на екипата. Ацо Стојков веќе неколку натпревари по ред го нема во комбинација за настап во тимот на Вардар, и според последните информации тој е веќе заминат од екипата. Стојков нема повеќе договор, и истиот нема да му биде продолжен.

ГРНЧАРОВ И ГЛИШИЌ БЕЗ ДОГОВОРИ

Без договори после натпреварот со Шкупи, остануваат и капитенот Бобан Грнчаров и левиот бек Дарко Глишиќ. Според неофицијалните информации на Грнчаров можеби ќе му биде понудена соработка и во следните шест месеци или година, додека Глишиќ засега веројатно нема да продолжи со Вардар и ќе си бара нова средина. 

ПРЕД ЗАМИНУВАЊЕ БАРСЕГЈАН И МАРКОВИЌ

И покрај тоа што имаат важечки договори со екипата, сепак, можно е и Тигран Барсегјан и Вања Марковиќ да си заминат летово од таборот на Вардар. Барсегјан има договор до крајот на годината, а Марковиќ до следната година. Ерменецот наводно побарал сам да си оди, додека Србинот според игрите кои ги прикажа оваа пролет, не докажа дека е достојна замена за Стефан Спировски, па така можеби ќе му биде дозволено да си бара нова средина и после само неколку месеци минати во таборот на Вардар, да си оди од екипата. 

НА ЧАИР ПОВТОРНО СО „ИЗМЕШАН“ ТИМ

Неколку првотимци на Вардар се веќе на одмор и тие нема да настапат на Чаир. Така најверојатно на гостувањето кај Шкупи, „црвено-црните“ ќе заминат со измешан тим од млади и од искусни играчи. Ќе ги нема поголемиот дел на стандарните првотимци, а нема да биде изненадување ако од Бабунски видиме некој нов млад „џокер“ како што тоа го правеше во изминатите натпревари. Едноставно од Вардар со нетрпение чекаат да заврши сезоната, па да се пуштат во ангажирање на засилувања. 

Со оглед на случувањата и на истечените договори, Вардарци ќе мора да донесат минимум еден цел тим засилувања, односно минумум 10. 

ВТОР „РЕМОНТ“ ЗА САМО НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ

Вардар има сосема различен лик за разлика од крајот на минатата сезона. Многумина играч си отидоа токму во текот на овој шампионат, па така тогаш се случи еден помал „ремонт“. Меѓутоа сега ова лето се очекува тимот да добие сосема нови играчи, сосема нов „костур“ кој ќе биде надополнет со младите играчи кои се форсираат во последно време. Дали тој тим ќе биде кадарен да се спротивстави на една силна Шкендија и да се бори повторно за титулата, ќе покаже времето. 

Најново во Фудбал