Добра најава за реваншот во Истанбул

Итало се чекираше со гол во Вардар, шампионот се сефтоса со убедлива победа пред Истанбул

Вардар ја декласира Победа со 4.0, ја забележа првата победа во првенството, како одлична најава за историскиот реванш меч во Истанбул против Фенербахче во четврток. Во дербито во Битола, Пелистер и Работнички ремизираа, 1.1, а Академија Пандев во дуелот на новите прволигаши го надигра и победи Скопје со 2:0

објавено: 20 август 2017 - 18:57

Вардар ја декласира Победа со 4.0, ја забележа првата победа во првенството, како одлична најава за историскиот реванш меч во Истанбул против Фенербахче во четврток. Во дербито во Битола, Пелистер и Работнички ремизираа, 1.1, а Академија Пандев во дуелот на новите прволигаши го надигра и победи Скопје со 2:0.

Чедомир Јаневски прави чудо со шампионот Вардар и во два меча откако пристигна на кормилото на својот некогашен клуб има две победи со гол-разлика од 6:0. Денеска популарниот Четка имаше полесна задача и умешно го предводеше шампионот до сефте триумф во првенството. Му помогнаа и играчите кои доминираа, а јунакот во победата против Фенербахче, Тигран Барсегјан со гол во четвртата минута најави победа. Потоа прецизен беше и Дамир Којашевиќ во 45. минута за предност од 2.0 по првиот дел. Во продолжението засилувањето од Бразил, Итало, со гол во 68. минута се чекираше во новиот клуб, за убедлив триумф од 4:0 се погрижи Фелипе со прецизен удар од белата точка во финишот.

Работнички со голот наКире Маркоски водеше со 1:0 во Битола, но Пелистер остана непоразен по две кола со погодокот на Благојче Љамчевски.

Љупчо Дориев и Јани Атанасов со по еден погодок во првиот дел ги решија сите дилеми во дуелот на новите прволигаши. Академија Пандев со 2:0 рутински го победи Скопје и има супер старт во прволигашкото друштво со 4 бода на два меча.

Утре играат Шкупи и Шкендија од 17 часот.

Најново во Фудбал