МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛЕР НЕ ДОБИ НАГРАДА, НО ОСТАНУВА ЖЕЛБАТА..

Јаховиќ пред Фенербахче: Сакам да бидам „крал“ на головите во Турција!

Адис Јаховиќ учествуваше на свечената церемонија каде што беа прогласувани најдобрите фудбалери за изминатата сезона 2017/2018 во Турција.

објавено: 14 септември 2018 - 15:00

Македонскиот фудбалер не доби признание, но пред тамошните медиуми ги сподели своите очекувања пред продолжението од новата натпреварувачка сезона. Беше номиниран во категоријата најдобар напаѓач помеѓу Јилмаз (Трабзонспор), Талиска (Бешикташ), Адебајор (И. Башакшехир) и Гомис (Галатасарај).

Нашиот голгетер моментно ги брани боите на Коњаспор, досега во новата сезона има четири настапи и еден погодок, но посакува на крајот да биде на врвот на листата најдобри стрелци во Суперлигата на Турција.

После четири кола неговиот клуб е на петтото место со осум бодови, четири помалку зад лидерот Касимпаша и во следното коло в недела на домашен терен ќе го пречека Фенербахче на нашиот интернационалец Елиф Елмас.

Минатата сезона во турскиот шампионат најдобар стрелец беше Бафетимби Гомис (Галатасарај) со 29 голови, пред Бурак Јилмаз (Трабзонспор, 23), а трет на листата беше Јаховиќ со 19 голови, со напомена дека беше дел и од Гезтепе.

„Не се предавам, можеби сега не добив награда, но сакам да бидам топ стрелец оваа сезона. Лани имав многу добри перформанси, сакам да продолжам така и годинава. Се надевам дека нештата ќе бидат подобри веќе од наредниот дуел против Фенербахче", рече Јаховиќ.

Најново во Фудбал