Тренерот на Вардар жали за пропуштената шанса

Јаневски: Имавме се во свои раце

Чедомир Јаневски првпат го предводеше Вардар против Шкендија во Тетово и остана непоразен, иако како што вели шампионот можеше и да победи. По голот на Грнчаров, скопјани имаа чист зицер за предност од 2:0, но промашија, а потоа може и да загубат, според зборовите на тренерот на актуелниот првак

објавено: 14 февруари 2018 - 16:46

Чедомир Јаневски првпат го предводеше Вардар против Шкендија во Тетово и остана непоразен, иако како што вели шампионот можеше и да победи. По голот на Грнчаров, скопјани имаа чист зицер за предност од 2:0, но промашија, а потоа може и да загубат, според зборовите на тренерот на актуелниот првак.

„Сакам пред се да ги пофалам домаќините за добрата организација. Успеаја да направат услови за игра, иако снежната покривка правеше проблем. Натпреварот беше коректен и фер. И двата состави имаа свои периоди на добра игра, кога можеа да направат предност. Први поведовме и имавме одлична шанса со втор погодок да го решиме дербито во наша корист. Не го сторивме тоа и се повтори непишаното фудбалско правило, па примивме гол. Можевме на крајот и да загубиме. Шкендија останува со 8 бодови предност, но со ваква игра, залагање и борбеност ќе конкурираме за титулата докрај. Добро е што и Битанг имаше можност да игра. Верувам дека може да ни помогне во продолжението од првенството“, изјави Јаневски по дербито во Тетово.

Вардар поведе со голот на капитенот Бобан Грнчаров во 78. минута, но Бесарт Ибраими израмни 7 минути подоцна, па бодовната разлика и по 19. коло остана иста, 8 бода предност за Шкендија пред Вардар.

 

Најново во Фудбал