Со многу оптимизам ќе се патува во Истанбул

Јаневски: Не е лесно да се дадат четири погодоци

Чедомир Јаневски за кус период од неколку денови направи чудесен пресврт во Вардар, а новиот тренер вели дека се уште има работа за сите коцки во мозаикот бидат на свое место

објавено: 20 август 2017 - 20:11

Чедомир Јаневски за кус период од неколку денови направи чудесен пресврт во Вардар, а новиот тренер вели дека се уште има работа за сите коцки во мозаикот бидат на свое место. Сепак за пофалба е неговиот придонес за да се среди хаосот што владееше во тимот, а особено да се врати победничкиот дух. Најпрво Јаневски најде чаре за гигантот Фенербахче, кој беше победен со 2:0, а денеска апсолвирана е и Победа од Прилеп со триумф од 4:0

„Им кажав на играчите дека треба да се вратиме со мислите на нашето првенство и да заборавиме на реваншот со Фенербахче во четврток. Ги исполнија сите задачи што ги работевме во овој краток период. Видов и подобрување, но сигурно дека во четвртокот беше поинаков меч од овој. Не е лесно во вакви услови на топлото време да се постигнат 4 гола. Мора да останеме смирени и да се насочиме полека кон дуелот во Истанбул. Имав шанса и да пробам некои варијанти и играчи како решение за одбраната и нападот пред вториот меч со Фенербахче, вели Јаневски.

Со многу оптимизам играчите на македонскиот првак ќе патуваат за Истанбул на реваншот со Фенербахче, кој ќе одлучи за патникот во фазата по групи во Европа Лигата.

Најново во Фудбал