Тренерот на Вардар е задоволен од настапот на младинците

Јаневски: Вардар има таленти, да внимаваме на нивниот развој

Чедомир Јаневски вели дека е задоволен од настапот на младинците на Вардар, кои одиграа одлично против Силекс и покрај поразот од 2:3

објавено: 4 март 2018 - 17:25

Чедомир Јаневски вели дека е задоволен од настапот на младинците на Вардар, кои одиграа одлично против Силекс и покрај поразот од 2:3. Децата на Вардар му пружија силен отпор на Силекс, а во поголемиот дел од мечот беа рамноправни, дури и подобри од искусните играчи на тимот од Кратово. Силекс си ја заслужи победата, а Вардар има фудбалска иднина.

„Задоволен сум од настапот на младинците и сега се покажа дека интенцијата да ги собереме талентите од Македонија во Вардар е исправна. Им честитам на играчите на Силекс на победата, заслужено ги освоија бодовите. Вардар има иднина, но мора да внимаваме на младите фудбалери. Да ги поштедиме од напорите во тешките дуели од Првата лига и купот. Постепено да ги внесуваме во игра, за да имаат правилен развој. И ние сме биле во слична ситуација, кога почнувавме, но тогаш младите играчи постепено беа вклучувани во првиот тим. Ситуацијата е таква и сите ние во Вардар мора да најдеме решение. Јас сум платен за да бидам тренер на првиот тим и го почитувам тоа. Клупската политика е нешто друго, но секако треба да најдеме решение што ќе биде најдобро за Вардар“, вели Јаневски.

Денеска тој го предводеше младинскиот состав на Вардар против Силекс, по одлуката на раководството на шампионот два меча да игра со младински погон. Иако денеска играа првпат заедно во овој состав и за поголемиот дел од нив тоа беше прво прволигашко искуство, талентите на Вардар одиграа машки, квалитетно и бескомпромисно, а на крајот беа поздравени со заслужен аплауз од публиката.

Најново во Фудбал