Популарниот Четка е во двојна улога, и како играч и тренер

Јаневски: За мене и за сите играчи што минале низ историјата на Вардар ова се специјални моменти

„Играчите го дадоа својот максимум и со неверојатната поддршка на Комитите успеавме да победиме. За мене како поранешен играч и за сите што минале низ историјата на Вардар ова е убав момент и спомен, а секако да не ги заборавиме и Комитите, кои слават 30 години од постоењето“, вели Чедомир Јаневски, славеник во двојна улога. Беше и фудбалер на „црвено-црните“, а сега е тренер на најтрофејниот фудбалски клуб кај нас

објавено: 20 ноември 2017 - 08:45

Чедомир Јаневски е човек за историја во Вардар, а неговото име трајно ќе биде запишано во аналите на клубот. Тој е првиот тренер што го одвел Вардар во групна фаза во европските натпреварувања, а вчера се најде во славеничка улога и како стратег на клубот, кој слави 70 години од постоењето, но и како поранешен фудбалер. Од 1982 до 1989 година играше за Вардар и е дел од златната генерација, која ја освои единствената титула во Југославија во сезоната 1986/87.

Со победа против Пелистер и тој го прослави јубилејот на Вардар од 7 децениско постоење и на навивачката група „Комити“ која е основана во годината кога се славеше првата титула.

„Мислам дека ова дерби уште еднаш се покажа дека е тешко за играње. Почнавме офанзивно и сакавме порано да го отвориме мечот. Имавме контрола, но тешко доаѓавме до добра ситуација за гол. Пелистер одлично ги затвори приодите до нивниот гол во првиот дел и беше ориентиран на контранапади. Играчите го дадоа својот максимум и со неверојатната поддршка на Комитите успеавме да победиме. За мене како поранешен играч и за сите што минале низ историјата на Вардар ова е убав момент и спомен, а секако да не ги заборавиме и Комитите, кои слават 30 години од постоењето. Можеби не одигравме убаво за око, но најважно е што победивме и што со три бода ја крунисавме прославата“, изјави Јаневски.

 

Најново во Фудбал