ТУРСКИОТ СТРАТЕГ ВЕРУВА ВО ПОДОБРИ ВРЕМИЊА НА ЧАИР

Каран: Со неколку засилувања за уште посилен Шкупи!

Шкупи ја затвори полусезоната како петтопласиран во Првата македонска лига. После турбулентниот старт, тимот се консолидираше со доаѓањето на новиот тренер Умир Каран.

објавено: 5 декември 2018 - 15:53

Под негово раководство во 10. натпревари екипата забележа пет победи, три нерешени и претрпе два порази.

Тренерот на ФК Шкупи говореше во интервјуто за клупскиот сајт:

„Секако дека сум задоволен. Кога дојдов, клубот беше во криза, немаше игра, без колективност. На почетокот успеавме да направиме добар тим, го мотивиравме и нормално го кренавме интензитетот на тренинзите. Тимот добро работеше, задачите добро се реализираа. Немаме голем број на играчи, но имаме многу нови на кои им веруваме. Сега сме во добра позиција, не беше лесно да се крене тимот од таа тешка ситуација, но заедно со навивачите успеавме. Верувам дека со неколку засилувања, ќе бидеме уште подобри за пролетниот дел", рече турскиот стратег.

Моментно после завршувањето на есенскиот дел од шампионатот, Шкупи е на петтото место со 23 бодови.

„Тука одморот е долг, сега фудбалерите ќе паузираат еден месец. Во следниот период ќе работиме на ангажирање на нови трансфери, подготовките ќе започнат во јануари. Прво ќе тренираме во Скопје, а потоа ќе продолжиме во Анталија".

Да потсетиме, во изминатиот период тимот го напушти досегашниот напаѓач Баже Илијоски.

Најново во Фудбал