И ВТОР НАПАЃАЧ ГИ НАПУШТИ ТЕТОВЦИ

Кировски замина од Шкендија, следна дестинација второлигаш на Тајланд

Напаѓачот на Шкендија, Христијан Кировски, кој го постигна голот за црвено-црните против Абердин во скопското реми 1-1, си замина од тетовскиот клуб и кариерата ќе ја продолжи во второлигаш на Тајланд.

објавено: 19 јануари 2016 - 13:06

Шкендија денеска на својата интернет-страница објави дека Кировски потпишал едногодишен договор со второлигашот Прачуап, откако интерес за него покажале и клубови од Грција, но и од други земји.

Кировски заминува шест месеци пред да му истече договорот со Шкендија, за која игра од стартот на минатата сезона. Тој е вториот напаѓач, кој ги напушта тетовци по Бојан Вручина, кој вчера и официјално спогодбено се раздели со Шкендија.

И Кировски, како и Вручина немаа голема минутажа во есенскиот дел од сезоната, откако Шкендија ги донесе Бесарт Ибраими, Марјан Радески, Ферхан Хасани, па минутажата за нив беше премала во првиот дел од сезоната. Шкендија зимава ангажираше четири имиња и тоа играчите за врска Ндерим Неџипи, Стефан Вујчиќ, голманот Костадин Захов и левиот бек Алем Мераиќ.

Најново во Фудбал