СЕ ИГРА НАЈИНТЕРЕСНОТО ПРВЕНСТВО ВО ПОСЛЕДНИТЕ СЕЗОНИ

ЖЕШКО ПОСЛЕДНО КОЛО ВО НЕДЕЛА: Ќе гори на сите терени за Европа и за опстанокот

Без резултатски императив ќе бидат Вардар, Шкендија, Ренова и Академија Пандев, меѓутоа нивните противници и тоа како ќе бидат мотивирани за бодови кои значат или Европа или опстанок

објавено: 17 мај 2018 - 12:00

Уф, колку ќе биде „жешко“ во последното коло на Првата лига. На неколку тима им гори под нозете, а особено ќе биде интересна битката за опстанок, и избегнување на директното испаѓање од Лигата, односно обезбедување на местото во баражот. За такво нешто се борат дури три тима кои што се тука некаде со бодовите, а Победа е во најдобра ситуација затоа што има домашен натпревар, за разлика од Скопје и Пелистер. Но, одиме по ред: 

ШКУПИ - ВАРДАР: Вардар веќе не може да уназадува или да напредува од втората позиција на табелата. Го озбебеди второто место со триумфот над Академија Пандев, но сигурно дека нема да сака да загуби на гостувањето на Чаир. Над Вардарци нема никаков притисок, затоа тој ќе биде со Шкупи кој што ќе мора да триумфира ако сака да се надева на место во Европа. Чаирчани сега имаат голема шанса за такво нешто, и сигурно дека ќе атакуваат на победа. Тука се очекува полн стадион и фанатично навивање од трибините

ПОБЕДА - РЕНОВА: Неутралниот терен сезонава е „убиствено“ за прилепчани. Можеби еден од виновниците за позицијата на Победа. Тие ќе играат на стадионот во Струмица против Ренова која нема императив за триумф. Меѓутоа „гипсарите“ секогаш важеле за незгодна екипа, и нема така лесно да се предадат. Пред прилепчани е тежок предизвик, иако домашниот терен треба да биде предност. 

РАБОТНИЧКИ - СКОПЈЕ: Во најлош случај „романтичарите“ можат да бидат и на петтото место, доколку го загубат тој натпревар, а неговите конкурнти победат. Затоа избраниците на Ѓоре Јовановски мораат да атакуваат на бодови. Од друга страна, пак, на Скопје му „гори“ под нозете. Тие едноставно мора да ги освојат трите бодови, и само тоа им одговора. Или, пак, да загубат, но мора во тој случај да бидат поразени и Пелистер и Победа. 

АК. ПАНДЕВ - СИЛЕКС: Силекс со неколкуте слаби резултати во последно време го загуби местото број 3 кое го држеше долго низ првенството. Кратовци мораат, а домаќините не мораат. Меѓутоа Академија Пандев ќе си игра за својата чест и сигурно нема да дозоволи лесни бодови на противникот. Кратовци исто така од друга страна мораат да чекаат „киксови“ на Шкупи и на Работнички. 

ШКЕНДИЈА - ПЕЛИСТЕР: Ако за Шкендија бодовите не се важни, затоа што тие одамна се веќе со шампионскиот пехар, тогаш за Пелистер овие се потребни како „воздух“. Оваа сезона на домашен терен тетовци немаат пораз, а Битолчани мораат да победат. За потсетување дека за неколку дена овие два тима играат и финале на Куп, низ кое битолчани можат да обезбедат излез во Европа, иако можно е да не го обезбедат опстанокот во првенството со оглед на противникот во последното коло. 

ДВОЈКИ ПОСЛЕДНО КОЛО

Шкупи - Вардар

Ак. Пандев - Силекс

Работнички - Скопје

Шкендија - Пелистер

Победа - Ренова

ТАБЕЛА: 

1. Шкендија 88

2. Вардар 56

3. Работнички 49

4. Шкупи 48

5. Силекс 47

6. Ак. Пандев 42

7. Ренова 41

8. Скопје 35

9. Победа 35

10. Пелистер 34

Најново во Фудбал