ЌЕ УСПЕАТ ЛИ ПЛАНОВИТЕ НАЈТРОФЕЈНИОТ ДА СЕ СТАБИЛИЗИРА

Ќе го биде ли Вардар?

Како што продолжува агонијата во која се наоаѓа ФК Вардар, така продолжуваат и плановите за неговите стабилизирање.

објавено: 20 ноември 2018 - 16:00

Со оглед на тоа дека актуелното првенство е најслабо досега во изминатите неколку години, дека секој секого може да победи, една од главните теми на муабет во фудбалските кулоари е дали ФК Вардар ќе го биде. Се чини дека најблиска е варијантата градот Скопје, и покрај тоа што јавноста не е баш воодушевена, повторно да го врати под свое.

ЌЕ ИМА ПЛАТА, ЌЕ НЕМА ПЛАТА

Инаку во најлоша ситуација се играчите, секако стручниот штаб и сите вработени во клубот. А кога нема пари тогаш проблемите се најголеми. А дека нема пари во Вардар, веднаш може да се види од тоа дека сега ги нема во клубот и oколу него оние силни менаџери и менаџерчиња кои киснеа таму од сабајле до вечер.

Велиме најлошо за играчите зошто кога нема пари тогаш нема ни мотиви да играш најдобро што можеш. Инаетот, предизвикот наречен Шкендија може да те држи извесно време, но кога ќе паднеш е тогаш паѓаш длабоко, длабоко.

НА НИКОГО НЕ МУ ОДГОВАРА СЛАБ ВАРДАР

Оние кои не го сакаат Вардар сега им дојде време да се ситат на сите проблеми со кои се соочува овој клуб, кој патем десет пати бил шампион. Секако дека сите не може да навиваат за Вардар, но сите треба да го почитуваат. И тоа само поради доброто на мак - фудбалот. Можеме да кажеме што сакаме, но и дефинитивно се гледа дека нема силна Прва лига без силен Вардар.

Зошто Шкендија би имала буџет од 3.000.000 евра, ако Вардар, што се вели, „рикне". Тетовци тогаш би го намалиле буџетот, а тоа значи послаб играчки кадар, тоа значи дека Шкендија ќе ги нема во своите редови сите оние познати и квалитетни играчи што сега ги има. Затоа велиме дека на никого, па ни на најлутите ривали не им одговара слаб Вардар.

Само Васоски да не „падне"!

Александар Васоски со досегашните резултати како стратег на Вардар, се покажа дека и дефинитивно спаѓа меѓу еден од нашите најталетирани тренери. Васоски досега знаеше да ја смири ситуацијата, знаеше да ги „напали" своите момци и тие победуваа без пари. Сега работите се вртат во непосакувана насока, сега на ред дојдоа поразите. Сега важно е тој да не „падне" во однос на своите мотиви. Во спротивно ќе биде многу, многу лоши за „црвено - црните".

Најново во Фудбал