СРБИНОТ НЕ ОПРАВДУВА ЕПИТЕТ НА НАЈГОЛЕМО ЛЕТНО ЗАСИЛУВАЊЕ

Кога Недељковиќ ќе даде гол!?

Игор Недељковиќ дојде во Работнички како големо засилување, од тренерот Јовановски добива шанса, но неговиот учинок во изминатите шест кола е мизерен.

објавено: 25 септември 2018 - 16:30

Во летниот преоден рок во таборот на Работнички дојдоа голем број нови имиња. Дел од нив веднаш се снајдоа и почнаа да играат според очекувањата, додека дел од нив никако не може да се адаптираат во новата средина.

Еден од оние од кои во Работнички се очекуваше навистина многу е Игор Недељковиќ. Одличен напаѓач од Србија кој во времето кога играше за Силекс важеше за еден од најдобрите стрелци во Првата лига. Но сега е далеку од таа голгетерска форма. Затоа со право љубителите на фудбалот се прашуваат кога Игор Недељковиќ ќе го постигне својот прв гол во дресот на тимот од Градски парк.

ЃОРЕ ВЕРУВА(ШЕ) ВО НЕГО...

Во изминатите шест кола јасно е дека учинокот на Недељковоќ е мизерен. Се одиграа шест прволигашки натпревари а тој се уште нема дадено гол. Интересно е тоа што шефот на стручниот штаб на „романтичарите" Ѓоре Јовановски му дава шанса, му дава поддршка. Недељковиќ на сите изминати мечеви беше стартер, но и таа доверба која му ја дава Јовановски на напаѓачот секако дека си има рок на траење. Се ќе беше поинаку ако Недељковиќ постигнеше баред еден гол од двете шанси што ги имаше на саботното дерби со Вардар во кое неговиот тим загуби со 0:2. Тој промашуваше кога резултатот беше 0:0, со водство на Работнички, со негов гол првенец, можеби се ќе беше поинаку во поглед на крајниот исход на овој натпревар.

САМО П. ПЕТКОВСКИ И ОСТОЈА СТРЕЛААТ

Многу позагрижувачки факт за тренерот Јовановски, но и кај сите во клубот е тоа што сите голови во изминатите шест кола за Работнички го дале само двајца играчи. Пет пат срелаше Петар Петковски и четири пати Остоја Стјепановиќ, од кои три од пенал. Тој десетти гол беше автогол на Ристевски од Ренова. Е ова е проблем, и не само Недељковиќ, ќе мора да проработат и останатите напаѓачи па и не мора напаѓачи. Без голови, без тресење на противничките мрежи нема бодови, нема победи и нема висок пласман.

Најново во Фудбал