Ултра ефикасно коло

Летаа голови на сите страни - Вардар ја почести Ренова со петка, среќна детелинка со 4 листа за Академија Пандев и Работнички

Шампионот Вардар конечно одигра во препознатлив стил, ефикасно и разиграно во Тетово и ја почести Ренова со петка, а 15. коло донесе многу голови и победи на лидерот Шкендија, на Академија Пандев и Работнички

објавено: 16 ноември 2017 - 15:01

Шампионот Вардар конечно одигра во препознатлив стил, ефикасно и разиграно во Тетово и ја почести Ренова со петка, а 15. коло донесе многу голови и победи на лидерот Шкендија, на Академија Пандев и Работнички. Поради лош терен мечот во Автокоманда меѓу Скопје и Шкупи е одложен за идната недела.

Вардар брзо покажа во Тетово дека не се откажал од шампионските амбиции и по само 13 минути игра со головите на Велковски и на Блажевски поведе со 2:0. Гафури кој беше двоен стрелец зас Ренова, намали на 1:2, а потоа и на 2:3, а во меѓувреме Максимов постигна гол за Вардар. За да биде екстра ефикасно полувреме со еврогол од слободен удар се погрижи Фелипе во 45. минута.

Во продолжението за петка се погрижи Итало во самиот финиш со уште еден прекрасен гол.

Шкендија го задржа растојанието од шампионот Вардар на 11 бодови разлика со победа во Кратово против Силекс. Во вториот дел Жуниор и Ибраими беа прецизни за 12. победа на „црвено-црните“ од Тетово, кои се лидери со 37 бодови, пред Вардар со 26, но шампионот има два меча помалку.

Голеада имаше и во Битола, а среќната детелинка со 4 листа е за хитот во шампионатот, Академија Пандев. На теренот царуваше Балдовалиев, а вториот негов погодок во 47. минута е ремек-дело. Од 40-на метри напаѓачот на струмичани успеа да го лобува Илче Петрески за еврогол. Домаќините поведоа со погодокот на Трофуновски и застанаа, па Академците со 4 гола по ред го решија мечот. Редум погаѓаа Вареловски, Балдовалиев двапати и Стоилов. Пелистер со прецизните удари на Попзлатанов и на Ковачев од пенал се обиде да спаси бод, но не успеа и загуби со 3:4.

До четворка стаса и Работнички и тоа без примен гол против Победа. Маркоски погоди рано, потоа Гофри даде два гола, а печат на убедливата победа стави Сержо јуниор.

Резултати: Ренова - Вардар 2:5, Пелистер - Академија Пандев 3:4, Силекс - Шкендија 0:2, Работнички - Победа 4:0. Одложен е мечот Скопје - Шкупи.

Табела: Шкендија 37, Вардар 26 (два натпревари помалку), Академија Пандев 24 (-1), Силекс 22, Работнички 19 (-1), Ренова 17, Пелистер, Победа и Шкупи (-1) по 15, Скопје 9. 

 

Најново во Фудбал