ДВОЛИЧНАТА ШКЕНДИЈА НЕ УЧИ НА ПРАВДИНА

Лицемерие без крај: До вчера сѐ им беше супер, и ФФМ и судење, а сега - ништо не чини!?

Два дена откако го загуби дербито за титула, тетовска Шкендија „фрли дрва и камења" по Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и преку денешното соопштение објави дека првенството е нерегуларно и Вардар за нив не е шампион поради – судиска грешка.

објавено: 26 април 2016 - 13:45

Тетовци гневно реагираат на голот од офсајд на Јасир Асани, момент кој го реши мечот, иако признаваат дека со реакцијата ништо нема да добијат. Судиските грешки се составен дел од фудбалот, за арбитражата, (не)досудени офсајди, речиси нема клуб кој не реагирал сезонава, не само во Македонија, туку и во Европа. Но, реакција за судиска грешка, која ете се погоди да го решава шампионот, е најмалку потребна за некакво – непризнавање на првенството или на шампионот. Грубо речено, тоа е – повеќе и од смешно. Особено кога доаѓа од Тетово.

Тетовци бесно дигнаа глас дека се оштетени и удрија по ФФМ, иако до вчера ама буквално за сѐ – молчеа. За секоја неправилност, за секоја судиска грешка во нивна корист, за секој инцидент... Тогаш сѐ беше на место, и ФФМ беше добар, и судиите беа добри, и нивните организации на мечеви – европски. И одеднаш за само 90 минути – сѐ не чини! Шкендија денеска покажа лицемерие и дволичност преку соопштението, за кое реши македонската јавност да ја подучи што е правда.

Но, Шкендија не таа повикана што треба да „брка вештерки“ и да удира по ФФМ, да коментира судење, за кое низ сезонава „мал милион“ пропусти во нивна корист, знаеше да ги сокрие. Тогаш арбитрите беа добри, ФИФА-знакот беше потврда дека тие (арбитрите) правилно си ја вршат работата. Треба ли Вардар утре да излезе со соопштение и да каже дека не ја признава Шкендија за финалист на Купот, или за освојувач на Купот, ако тетовци стигнат до трофејот?

Ако Шкендија, како што вели во соопштението, инвестира и троши енергија за да го подобри фудбалот, зошто тетовскиот клуб не излезе голем да каже дека „помош“ од Александар Ставрев не им треба (два црвени картони за едно полувреме за Вардар). Зошто не излезе и не кажа дека Адријан Цуцули заслужи црвен картон во осмата минута од реванш четвртфиналниот куп меч, кој го судеше истиот тој судија што и завчера ја делеше правдата. Зошто Шкендија не излезе и не кажа дека не им треба помош од Костадин Влахо и трагикомичниот пенал на Чаир против Младост ЦД или за прекинот шест минути пред да загубат два бода на поплавениот терен? Зошто Шкендија до сега молчеше за секоја неправилност, ако постоела, особено ако имало тенденција, а сега одеднаш за една грешка, од „мува направија слон“? Од каде таа чесност, тие да не признаат првак, првенство во кое 28 кола нормално си ги одиграа?

Денеска на Шкендија и сметало тоа што биле забранети навивачи и приврзаници на својот тим на дербито за титулата на „Филип Втори“? Денеска отворија прашање, за кое одговор никогаш немаат, кога се игра мечот во Тетово (оваа сезона Шкендија дури месецов се врати на својот стадион поради реконструкцијата на теренот), зошто нема гостински приврзаници на дербијата?. Реагираат на испадите на скопската публика, а како реагираат на скандалозните извици под Шара? Кога се домаќини, нивните се најдобри, атмосферата феноменална. Кога малку ќе згусти и кога недоличноста ќе излезе во преден план на гости, е тогаш – тоа е срам!

Решија да реагираат и на организацијата и на инцидентот што се случи на третото дерби пред девет дена, во „старата ложа“ на јужната трибина. Како Шкендија реагираше јавно, кога и вардаровата управа беше нападната во Куманово на првото сезонско дерби, иако и тој и инцидентот пред една недела, минаа без посериозни повреди? Во Куманово за Шкендија беше сѐ ОК, на „Филип Втори“ - тоа е скандал! Заборави ли Шкендија дека во Куманово беше каменуван и автобусот на Вардар, дека „дива орда“ тргна да урива, лута дека Вардар победи. И за тоа, од ФФМ казна не доби. Тогаш им беше добра ФФМ, сега ете – не чини.

Каква реакција имаше од Шкендија, кога Игор Павловиќ заврши со дупната глава, која им беше реакцијата за фрлените камења по фудбалерите, за иредентизмот од трибините на секој меч? И тогаш сите беа и глуви и слепи, а Федерацијата добро си ја вршеше работата.

Е, затоа Шкендија нема основ да реагира, најмалку да ја напаѓа ФФМ, нешто да не признава, зошто до сега сѐ премолчуваше. Чисто лицемерие и дволичност!  

Никола Богојевски

Најново во Фудбал