РОДЕНДЕН НА НАЈСТАРИОТ МАКЕДОНСКИ КЛУБ

Љуботен наполни 95 години: И понатаму е жив, здрав и „витален“!

објавено: 28 март 2014 - 12:00

Најстариот македонски фудбалски клуб Љуботен од Тетово денеска наполни 95 години. Има една желба, како прв клуб формиран во Македонија, за стотиот роденден да биде дел од нашата елита.

Љуботен е формиран во 1919 година. Името го добил по врвот Љуботен, за кој во тоа време се верувал дека е највисокиот врв на Шар Планина. Во таа 1919 година, професорот по фискултура Франтишек Ваник, кој дошол од Словенија донел нова топка и почнал на часовите по фискултура да се игра фудбал. Првите поклоници на фудбалот биле Јован Марковски, Стевица Бошњаковски, Никола Павловски-Бутика, Симо Момировски, Заре Заковски, Момчило Ќириќ, Саша Поповски, Миле Захариевски... Гиманзијалци за првпат го играат фудбалот во Тетово, а и тогаш за првпат се споменува клубот ФК Љуботен.

Најстариот фудбалски клуб во Македонија е исклучен од Третата лига Запад. Но, клубот е жив, здрав, витален, но не е таму каде што заслужува да биде. Љуботен е гордост на Тетово, на Македонија, но за него помош нема од никаде. На есен сениорска екипа почнува со натпреварување од најнизок ранг, од ОФЛ Тетово.

„Денеска полнам 95 години! И понатаму сум жив, здрав, витален и останувам најстар активен фудбалски клуб во Република Македонија! Жал ми е за големата армија на моите навивачи, кои се разочарани што во моментов не се наоѓам на местото на кое заслужувам да бидам, но се надевам дека 100 роденден ќе го одбележам како член на првата лига, таму каде што ми е местото. Нека ми се живи, здрави и весели оние стотина деца, пионери кои тренираат во мизерни услови, ама со гордост го носат мојот грб! Некој се гордее со мене (градот Тетово и државата), а никој од нив не ми помага да се издигнам од дното на кое се наоѓам! Дури ме турнаа на дното, со исклучување од тековното натпреварување во Трета лига-Запад. Нека им служи на чест! На есен мојата сениорска екипа почнува со натпреварување од почеток, од ОФЛ Тетово. Се надевам само една година...“, напишаа ветераните на најстариот македонски клуб на нивниот фејсбук-профил.

Најново во Фудбал