ПОЛА ЛИГА СЕ КИРАЏИИ

Македонска фудбалска каша-попара: Само четири клуба ќе играат на матичните стадиони!

Попустливоста на ФФМ во минатите неколку сезони кон клубовите кои немаа стадиони што го исполнуваат најмалите критериуми за организирање на натпревари од Прва лига, ќе донесе прилично смешна ситуација на стартот од новата сезона – само четири клуба ќе играат на своите стадиони, останатите ќе бидат кираџии.

објавено: 23 јули 2015 - 12:24

Годинава, откако УЕФА притисна да нема отстапување од лиценцирањето на стадионите, одеднаш мора да се подготват фаличните стадиони на пола екипи од Првата лига.

Вардар ќе игра на „Филип Втори", Шкупи на „Чаир", додека Силекс и Турново ќе настапат на своите матични стадиони, а сите останати ќе се селат. Така, Работнички ќе почне да „домаќинува" на Ѓорче Петров, зашто на стартот од сезоната теренот на нашиот најголем стадион ќе треба да биде сочуван за гостувањето на Шпанија.

Ренова и Шкендија, на кои дом им е Градскиот стадион во Тетово ќе играат во Кичево, а втора опција ќе им биде Боговиње или Куманово.

Новиот прволигаш Царев Двор ќе биде кираџија во Прилеп, Металург ќе продолжи да биде бездомник и нареднава сезона, па сега ќе игра на „Борис Трајковски", а Брегалница ќе настапува во Кочани или Пробиштип.

Најново во Фудбал