САМО ЕДНА МАКЕДОНСКО-ТУРСКА ПРЕСМЕТКА ВО ЕВРОПА

Може ли Работнички да го повтори успехот? Победа пред 14 години се радуваше против Турци

Актуелниот освојувач на Купот на Македонија, Работнички задутре ќе се соочи со четвртиот најтрофеен турски клуб Трабзонспор на Националната Арена „Филип Втори" (20 часот) во првиот меч од третото квалификациско коло за Лига Европа, а само еднаш во досегашната историја во европските натпреварувања имало пресметка на македонски и турски клуб.

објавено: 28 јули 2015 - 17:57

Пред 14 години, прилепска Победа во Купот Интертото, кој повеќе не постои и е претопен во квалификациите за Лига Европа, успеа да победи еден турски клуб. Во второто коло во Инетртото, Победа двапати се радуваше против Ризеспор и обезбеди следна рунда со вкупни 4-1. Прилепчани славеа во двата меча, прво со 2-1, потоа и со 2-0 во 2001 година.

За разлика од бившиот шампион, Работнички сега го очекува далеку потешка задача, пред се затоа што игра со гигант кој е петпати над Ризе и затоа што игра во рунда и европско натпреварување во кое влогот е петпати поголем од тој во Купот Интертото.

Но, „романтичарите“ најавија дека нема да се предадат и дека ќе се обидат да направат сензација. Трабзон во Скопје доаѓа како фаворит против дебармаалци, кои третпат во Лига Европа, откако е ребрендиран Купот на УЕФА стигнува во третата фаза од квалификациите. Турците се еден од четирите гиганти во својата земја, имаат шест титули првак (последната во далечната 1984 година), осум национални купови и исто толку суперкупови на Турција. Само Галатасарај, Фенербахче и Бешикташ се потрофејни од Трабзон.

 

Најново во Фудбал