Најверојатно ќе ги репризираат ланските подготовки

На Силекс му се бендиса Анталија - Кратовци веќе договорија и пријателски мечеви во Турција

Силекс е најпријатното изненадување во есенскиот дел од домашниот шампионат, третото место на табелата со 31 бод одлично им „легна“ на кратовци, а амбициите сега се атак на позициите што водат во Европа. Планот е најпрво да се репризираат ланските зимски подготовки во Анталија, а потоа со нова енергија да се зачува третото место

објавено: 14 декември 2017 - 17:05

Силекс е најпријатното изненадување во есенскиот дел од домашниот шампионат, третото место на табелата со 31 бод одлично им „легна" на кратовци, а амбициите сега се атак на позициите што водат во Европа. Планот е најпрво да се репризираат ланските зимски подготовки во Анталија, а потоа со нова енергија да се зачува третото место.

„Планираме повторно да заминеме за Анталија на двонеделни подготовки, а веќе имаме и закажано пријателски натпревари со 4-5 противници. Верувам дека ќе го оствариме планот, а потоа ќе се обидеме да останеме во трката за висок пласман. Ќе има и засилувања за пролетниот дел од сезоната, но засега се уште нема конкретни имиња“, вели тренерот Жикица Тасевски.

Под негова команда Силекс игра одлично и има 9 победи, најмногу по двоецот Шкендија и Вардар, екипи кои се најсериозни кандидати за титулата. Третото место носи пласман во квалификациите за Европа Лигата, но дотаму патот е долг. Приоритет за Силекс се добри зимски подготовки, кои според планот на Тасевски и неговите помошници треба да започнат на осми јануари. До 22. ќе се тренира во Кратово, по еднаш дневно во сала и на отворено, а потоа главниот дел е пат за Анталија. Од 22. јануари до 4. февруари е периодот за подготовки во турското одморалиште. Лани во зимскиот период за првпат Силекс беше на подготовки во Анталија.

Најново во Фудбал