НЕКОГАШНИОТ НАПАЃАЧ СЕГА ВО УЛОГА НА ПОМОШНИК ТРЕНЕР

Начевски: Академија Пандев да биде стабилен прволигаш

Струмичкиот тим активно се подготвува во пресрет на дебитантската сезона во Прва лига

објавено: 17 јули 2017 - 10:20

Екипата на Академија Пандев засилено се подготвува во пресрет на дебитантскиот настап во Прва лига. Струмичкиот тим најави дека акцент ќе биде ставен на форсирање на младите играчи и чекор по чекор да се создава уште подобар тим.

Еден од оние кои заедно со тренерот Панче Стојанов го диктираат темпото на тренинзите е некогашниот македонски репрезентативец Драган Начевски. Доскорешниот играч на Академија Пандев сега е во улога на помошник тренер. 

„ Кога пред три години дојдов во Академија Пандев како играч, воопшто не ни помислив дека ќе добијам понуда да станам помошен тренер. Тоа е голема привилегија за мене и сакам да изразам благодарност до раководството на клубот. Се надевам дека на помладите фудбалери ќе им го пренесам моето долгогодишно искуство. Предност е тоа што до пред неколку месеци играв со нив во иста екипа, помладите добро ги познавам, имам добра соработка со нив и мислам дека ќе бидам од помош во тимот“, вели Начевски за клупскиот сајт на Академија Пандев.

Начевски во кариерата има 14 настапи за репрезентацијата на Македонија и големо искуство на фудбалските терени. Покрај тоа што е помошник на тренерот Стојанов, Начевски ќе работи и во Академијата со генерациите 2007 и 2008 година. Поранешниот голгетер вели дека целта е да се создаде тим кој ќе биде стабилен прволигаш. 

„Во првата сезона во Првата лига никој не треба да има големи очекувања. Најважно е ние да станеме еден стабилен прволигаш, да одиме чекор по чекор и секоја сезона да одиме се погоре. Ги имаме сите услови да станеме сериозен клуб во елитата, а по неколку години можеме да почнеме да размислуваме за местата кои водат во европските купови“, открива Начевски.

Најново во Фудбал