НИКОЛА ИЛИЕВСКИ – ЏИЏИ ЗА СВОЈОТ НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР

Најдобро е Стојановски да остане во Ренова

„Влатко Стојановски има неколку понуди, но јас лично разговарав со него и му укажав дека најдобро за него, за клубот, за сите, е да остане до јуни. Има шанса да биде прв стрелец во Лигата и со тоа само ќе си ја зголеми својата цена" истакнува тренерот на „гипсарите"

објавено: 25 декември 2018 - 21:40

Иако се најавуваше бура, сепак мирно е во Ренова во пресрет на зимскиот преоден рок. Досега „гипсарите" го продолжија договорот со Флоријан Кадриу, останатите се под договор, сепак дилема е што со најдобриот стрелец Влатко Стојановски...

„Стојановски има неколку понуди, но јас лично разговарав со него и му укажав дека најдобро за него, за клубот, за сите, е тој да остане до јуни во Ренова. Со оглед на повредата на Бесарт Ибраими тој може да биде на крајот и прв стрелец во Лигата. Со тоа само ќе си ја зголеми својата цена на фудбалскиот пазар. Јас не кријам дека Стојановски има репрезентативен потенцијал, токму затоа треба во овие шест месеци токму во Ренова да го искаже сиот свој потенцијал и квалитет" истакнува стратегот на „гипсарите" Никола Илиевски – Џиџи.

Не брзаме со ангажирање нови играчи...

Ни Џиџи, ниту пак челниците на Ренова не кријат дека посакуваат 2-3 засилувања.

„Да, јас тоа го кажав уште пред да одиме на зимска пауза. Не криеме дека сме во контакти со неколку играчи кои се „пикирани" од наша страна, имаме разговори и преговори, но сега сите играчи кои се слободни на фудбалскиот пазар како да тактизираат. Прво сакаат, што е и нормално, да видат дали може да направат трансфер надвор од Македонија, дури потоа ќе размислуваат да останат во нашата Прва лига. Ние како Ренова не брзаме, има време, сакаме да донесе само квалитет а не било што" заврши Илиевски.

 

Најново во Фудбал