Одговор од екс-акционерите во Пелистер до општина Битола:

Нека општината исплати 100.000 евра кои ги должи!

Досегашните акционери во клубот испратија одговор до претседателот на Советот на општина Битола, Валентин Груевски во кој го повикуваат општина Битола во рок еден ден да го плати долгот од 100.000 евра кој е наследен од старото раководство на општината кое, пак, претходно потпиша договор со четирите компании за акционерско владеење со ФК Пелистер.

објавено: 6 јануари 2018 - 18:55

Општина Битола преку претседателот на Советот, Валентин Груевски пред само три дена ги повика мнозинските акционери во клубот ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје, ПЕЛИСТЕРКА АД Скопје, ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД Битола и ЖИТО БИТОЛА ДООЕЛ Битола да го исплатат долгот кон клубот во висина од повеќе од 150.000 кој го оставија зад себе за едногодишното владеење. Груевски на компаниите им даде рок од еден ден да ги подмират долговите како би можел ФК Пелистер на време да се спаси.

Но, подмирување на долговите нема, а досегашните акционери во клубот испратија одговор до Груевски во кој го повикуваат општина Битола во рок еден ден да го плати долгот од 100.000 евра кој е наследен од старото раководство на општината кое, пак, претходно потпиша договор со четирите компании за акционерско владеење со ФК Пелистер.

Досегашните акционери на Пелистер кои потврдуваат дека поднеле оставки и се повлечени од клубот, испраќаат поздрави до битолчани потенцирајќи дека тешко на клубот кој сака да го води во иднина.

Комплетното соопштение ви го пренесуваме во целост (во прилог на соопштението се и досегашните дописи меѓу акционерите и општина Битола):

Известување во врска со ситуација во ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола

Од

ОРКА ХОЛДИНГ АД Скопје
ПЕЛИСТЕРКА АД Скопје
ЗК ПЕЛАГОНИЈА АД Битола
ЖИТО БИТОЛА ДООЕЛ Битола
доминантни сопственици на акции во

ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола

Почитувани,

Повод за оваа наша реакција се јавните настапи на Претседателот на Совет на Општина Битола, Валентин Груевски во врска со ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола, кој во неколку наврати изнесе лаги, непроверени информации и покажа елементарно непознавање на законските прописи, што не би требало да е случај за раководство кое наводно ќе го спасува фудбалот во градот. Ова од причина што истиот изјавите ги даде како претставник на Општина Битола која е акционер со 25 % во ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола.

Прво. Излезете и јавно кажете им на граѓаните на Битола дека Вие како Општина Битола на клубот му должите 100.000,оо евра. Правната основа за која тврдите дека ја нема за исплата на овие пари ќе си ја пронајдете заведена како Спогодба под Ваш арх.бр.08-857 од 04.07.2016 година, а склучена на ден 15.06.2016 година.

Второ. Уште за време на летниот период во моменти на најголемиот успех на ФК ПЕЛИСТЕР во изминатите години, освојувањето на фудбалскиот Куп на Македонија, на јавна пресконференција одржана во Хотелот Милениум во Битола во присуство на тогашното раководство на Општина Битола претставници од Одборот на директори јавно изнесоа дека Општина Битола има игнорантски однос кон клубот и дека сеуште на клубот му ги нема исплатено 100.000,оо ( стоте илјади ) евра кои потекнуваат од периодот кога сопственици на ФК ПЕЛИСТЕР беа Општина Битола и Цермат ДОО Битола и дека ако Општина Битола не преземе нешто околу исплатата на овој долг ќе биде невозможно понатаму да се работи во клубот и дека акционерите најавија заминување од клубот. Ваквиот однос на Општина Битола кон акционерите продолжи и понатаму. Од страна на мнозинските акционери беа испратени дописи до Општина Битола на ден 31.10.2017 година, 20.11.2017 година и 22.12.2017 година, но наместо средба како акционер со акционер или преземање на конкретни мерки Општина Битола избра преку јавни настапи да шири лаги, да пласира непроверени информации и да ја манипулира јавноста.

Трето. Опрема за работа има, кадар има, има и администрација во клубот, а за информација на јавноста и Општина Битола согласно Законот за трговски друштва кој некој треба да го препрочита дефинитивно, после поднесените оставки од страна на членовите на Одборот на директори во текот на месец декември 2017 година не се расправа. Собрание на акционери не се свикува, бидејќи истото е во оставка. До изборот на ново Собрание и нови членови на Одбор на директори оние кои што си дале оставка уште 60 ( шеесет ) дена ги вршат своите функции во насока клубот да не претрпи штета. Општина Битола сака со туѓи пари да го санира клубот, а пари кои ги должи не ги плаќа, затоа се одлучивме јавно да ја обелодениме вистината за ФК ПЕЛИСТЕР и да порачаме ,,Ние си дадовме оставки во клуб кој 75 % е Наш,,. Безуспешно Ве молевме да Ви ги префрлиме нашите акции неколку месеци наназад. Оставките претставуваат висок морален и етички чин во деловниот свет. Топло Ви препорачуваме доколку не се чувствувате подготвени за решавање на проблемите и Вие да го сторите истото. Дајте му ги на ФК ПЕЛИСТЕР 100.000,оо ( стоте илјади ) евра кои му ги должите во рок од 1 ( еден ) ден и клубот сам ќе се санира. Доколку Ние не му го мислевме доброто на клубот во 2016 година немаше да го спасуваме од испаѓање во Третата фудбалска лига, да го трасираме патот за освојување на Купот на Македонија и излез на клубот во Лига Европа. Овде е крајот на манипулациите од Ваша страна на јавноста во Битола и Македонија. Поздрав до Битолчани! Поздрав до Чекмбарите! Напред Пелистер! Тешко тебе кој сака да те води!

Хронологија на настани

Имено се работи за следното, мнозинските акционери како доминантни сопственици на ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола со 75 % од акциите, се стекнаа со статус на ден 04.08.2016 година, кога ги купија акциите преку Македонска берза АД Скопје од ЦЕРМАТ ДОО Битола (188 обични акции со право на глас), па така од преземањето на клубот па се до денес имат вложено вкупен износ од 39.277.336,оо денари, односно многу повеќе од предвиденото согласно Договорот за преземање на доминантниот пакет на акции во клубот. Покрај ваквиот факт кој е неспорен во ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола, дополнително други компании со кои остваруваме деловна соработка исплатиле парични средства на сметката на клубот по разни основи (донации, спонзорства и др.) во износ од 7.350.000,оо денари, со цел клубот да може редовно и непречено да функционира, кој се наоѓаше пред испаѓање од Втората македонска фудбалска лига.

Заради ваквото финансирање на ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола, сведоци сме на тоа дека клубот го освои Купот на Македонија за натпреварувачката 2016/2017 година, како и четврто место во Првата македонска фудбалска лига за истата натпреварувачка сезона и избори пласман во европските купови, со што по долги години битолската публика има можност да го гледа оној вистинскиот, европски ФК ПЕЛИСТЕР.

Мнозинските Акционери, односно фудбалскиот клуб се доведени во ситуација да исплаќаат обврски настанати во периодот до 04.08.2016 година.

Согласно трипартитната спогодба потпишана од страна на Општина Битола, ЦЕРМАТ ДОО Битола и мнозинските акционери, пред преземањето на клубот од страна на моите клиенти клубот имаше неподмирени обврски настанати до 03.08.2016 година во вкупен износ од 6.020.108,оо ( шестмилионидваесетилјадиистоиосум ) денари, кон разни доверители, кој износ е доспеан во целост и неспорно е дека треба да се исплати од страна на Општина Битола и истиот не е исплатен до денес.
Во повеќе наврати мнозинските акционери испратија барање до поранешните функционери на Општина Битола за исплата на овој износ, но за жал тоа никогаш не наиде на разбирање кај тогашните функционери да се најде решение за исплата на овие средства кои што не се обврски на моите клиенти и се настанати пред истите да станат сопственици во клубот.
Заради ваквото игнорирање на состојбата од страна на тогашните функционери во Општина Битола, свикан е состанок на Одборот на директори на ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола и на истиот донесена е Одлука да се изврши избор на овластено трговско друштво за изработка на вешт наод и мислење од економска струка, со тоа што истата е донесена и за овластено трговско друштво за изработка на вешт наод и мислење од економска струка во врска со работењето на клубот избрано е трговското друштво КВ-ЛИНК ДООЕЛ Битола. По изработка на вештиот наод од економска струка од страна на овластеното трговско друштво истиот повторно е доставен до Општина Битола, но за жал повторно не е извршена исплатата на погоренаведениот утврден износ, кој е утврден од страна на вештите лица.
Заради ваквиот факт ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола, беше приморан да поднесе тужба и да заведе спор против Општина Битола заради неисплатените средства. Во моментот судскиот спор е фаза на главна расправа пред Основен суд Битола и заведен под ТС1-75/17, што придонесува за сегашната финансиска состојба во клубот да биде каква што е.

Покрај горенаведеното се утврди и дека поранешниот сопственик на доминантниот пакет на акции во ФК ПЕЛИСТЕР АД Битола, ЦЕРМАТ ДОО Битола согласно Договорот кој го потпиша со Општина Битола во 2014 година не вложил средства во висина на договорениот износ и тоа во вкупен износ од 560.000,оо евра во денарска противвредност, па затоа заради ваквиот факт во тек е изработка на вешт наод и мислење и по изработката на истиот ќе биде поднесена соодветна тужба против ЦЕРМАТ ДОО Битола.

Прилози:

1.Спогодба од 15.06.2016 година склучена помеѓу Општина Битола, Цермат ДОО Битола и мнозинските акционери;

2.Допис до Општина Битола од мнозинските акциоенри од 31.10.2017 година;

3.Допис до Општина Битола од мнозинските акциоенри од 20.11.2017 година и

4.Допис до Општина Битола од мнозинските акциоенри од 22.12.2017 година;

Најново во Фудбал