ИАКО СЕ ПРВИ, ТЕТОВЦИ НИ ОД ДАЛЕКУ НЕ СЕ ОНА ШТО БЕА ЛАНИ

Оваа Шкендија не е ШКЕНДИЈА!

Шампионот е лидер, во последните неколку кола и не игра така лошо во првенството, има серија од четири победи по ред, но тоа не е ни налик на она што беше пред 5-6 месеци кога Шкендија си поигруваше со сите противници на домашната сцена а на Вардар му побегна дури 35 бодови.

објавено: 9 ноември 2018 - 13:25

Може слободно да се заклучи дека оваа Шкендија не е ни од далеку онаа Шкендија од минатата сезона. Таа сезона беше историска за клубот од Тетово, ја освои двојната круна, му избега на Вардар, кој беше втор, дури 35 бодови. На крајот заврши со рекордни освоени бодови, ја мина таа магична гранца од 100 голови. Сезона за незаборав што се вели, но од минатото не се живее.

Треба да се гледа сегашноста и иднинатата, а таа вели дека оваа Шкендија не е спектакуларна Шкендија како лани.

РЕТКИ СЕ ГОЛЕАДИТЕ, НЕМА СПЕКТАКЛ...

Сега ретки се голеадите, нема спектакл, можеби и затоа бројноста на публиката која доаѓа во Тетово да ја следи Шкендија е далеку помалубројна. Не дека Шкендија игра така лошо, впрочем тимот е прв, влезе во серија од четири победи по ред, но рековме веќе, Шкендија не наликува од онаа ланската Шкендија. Сега и кога победува, Шкендија тоа го прави се чини со мака, сега им треба на тетовци три или четири шанси за еден гол.
Во повеќе наврати сме истакнувале кој се нема во однос на играчкиот кадар од лани, но факт е дека тука голем проблем прават и повредите. Имено веќе цела есен Шкендија не може да смета на Марјан Радески, сега повреден е Бесарт Ибраими, не е фит ни Стенио Жуниор.

ДАЛИ САМО НАПАДОТ Е ПРИЧИНА?

Кога сме кај нападот на тимот ајде да видиме кои играчи играле во мај и сега во ноември, ајде да споредиме.
Тогаш во мај во нападот на тимот на стратегот Ќатип Османи била „четворката" Ферхан Хасани, Бесарт Ибраими, Марјан Радески и Стенио Жуниор. Додека сега во ноември, поточно на средбите со Шкупи и Победа во купот, таа „четворка" била Изаир Емини, Самир Фазли, Омар Имери Валмир Нафиу. Секако дека не е ни е ни крај памет некого да дигаме во облаци а некого помалку да респектираме, но сепак веднаш се забележува кој напад е посилен. И затоа раководството на клубот е на пат да го ангажира Агим Ибраими, а сака да донесе уште еден екстра квалитетен шпиц. Челниците на клубот се свесни дека потребен е и квалитет, а не само младост.

Најново во Фудбал