НАЈДОБРОТО ОД СЕЗОНАТА СПОРЕД „СПОРТМЕДИА“

Овој тим дефинитивно нема да биде 141-ви на ФИФА-листата!

Фудбалската сезона во Македонија вчера и официјално заврши. Вардар е старо-нов шампион, ја освои десеттата титула, постави рекорд по број на освоени бодови, а Шкендија се радуваше на трофејот во Купот. На овие два тима, ривали речиси до крај за шампионскиот трофеј во Европа им се придружија и Силекс и Работнички.

објавено: 23 мај 2016 - 14:16

„Спортмедиа“ по спуштањето на завесата го избра тимот на сезоната, според критериум за константност во формата и учинокот на поединците во изминатиов шампионат. Нормално, двата лауреати со трофеи Вардар и Шкендија имаат најмногу претставници во тимот.

Во изборот имаше уште многу имиња кои заслужуваат место, најмногу Ферхан Хасани и Дејан Блажевски, но повредите ги спречија сезонава, иако според квалитетот местото сигурно би им било загарантирано кај било кој тренер, а не смее да се заборават и Баже Илијоски, Кире Ристевски, кои направија трансфер зимоска.

Тоа што посебно треба да се истакне е и фактот дека ниту едно зимско заслување не остави впечаток, ниту направи експресна разлика за да се најде во најдобриот тим на сезоната. Нашиот тим е во формација 3-4-3.

ГОЛМАН – Суат Зендели (Шкупи)

Чуварот на мрежата на чаирскиот прволигаш беше најконстантен меѓу диреците. Иако Шкупи прими 34 голови, Зендели имаше низ цела сезона страшен процент на одбранети удари кон својот гол. Патем успеа пет месеци на домашен терен да ја сочува мрежата недопрена.
Шкупи изненади во првата сезона по враќањето во елитното друштво и долго време беше во зона за Европа, иако од поодамна беше јасно дека нема право за настап. И Зендели и чаирчани беа едно од двете најпријатни изненадувања во овој шампионат

ОДБРАНА – Хофханес Хамбарџумјан (Вардар)

Ерменскиот репрезентативец имаше фантастична сезона во Вардар со кој стигна до нова шампионска титула, овојпат историска десетта, а патем и сезона за паметење по број на освоени бодови (80) и по број на победи 25. Вардар без популарниот Хоф не е ист, а Ерменецот сезонава, иако е десен бек успеа да даде седум голови, што е податок за почит. И секојпат кога погоди Хамбарџумјан – Вардар победи.


ОДБРАНА – Бобан Грнчаров (Вардар)

Искусниот стопер и поранешен македонски репрезентативец одигра константно од прв до последен меч. Капитенот на црвено-црните беше лидер на тимот, а и во офанзивата ги покажа своите способности – даде пет гола. Како и во случајот со Хамбарџумјан, незамислива е одбраната на Вардар без Грнчаров, а сето тоа на крај најдобро се гледа со само 17-те примени голови на патот кон титулата во 32 одиграни мечеви.


ОДБРАНА – Милан Илиевски (Работнички)

Работнички, како најдобар македонски европретставник разочара сезонава со четвртото место и без освоен трофеј, но ако некој треба посебно да се издвои е Илиевски и неговата константна форма во одбраната. Големите промени во тимот зимоска многу се почувствуваа во таборот на дебармаалци, но Илиевски заслужи да биде дел од најдобриот тим со своите игри, предводејќи ја одбраната во клучниот момент (плејофот) во битката за место во Европа (без примен гол во три од петте плејоф дуели). Одигра 28 мечеви сезонава.

СРЕДЕН РЕД – Арменд Алими (Шкендија)

Повремениот репрезентативец на Македонија е клучна алка во средниот ред на Шкендија, која сезонава го освои Купот на Македонија. Алими цела сезона беше моторот на тимот, голем работник на теренот и човек од кого почнуваа сите акции на тетовци. Одигра 29 меча во Првата лига и постигна осум гола, а на патот кон куп-трофејот додаде уште три настапи.



СРЕДЕН РЕД – Бојан Најденов (Турново/Работнички)

Фудбалерот за врска на Работнички дојде во Дебар Маало зимоска, откако есенскиот дел од сезоната го мина во Турново. Најденов беше еден од лидерите на турновци, човек кој прв го урна Вардар со погодок за победа (3-2) и креатор на играта на тимот од југоистокот на Македонија. За Турново одигра 15 меча и даде два гола, а за Работнички на 12 дуели погоди двапати. Со своите игри стигна до деби повик за националната репрезентација за претстојните два пријателски мечеви со Азербејџан и Иран.

СРЕДЕН РЕД – Хуан Фелипе (Вардар)

Без Бразилецот во средниот ред Вардар не може да се замисли. Фелипе беше предводникот на тимот и со своите настапи од почеток ги освои срцата на навивачите, а сезонава стигна до осум погодоци во 30 одиграни мечеви во црвено-црниот дрес. Најчесто погодуваше кога беше најпотребно за црвено-црните да стигнат до триумфи на патот кон шампионската круна. Исклучително технички поткованиот Бразилец ја правеше разликата на теренот буквално на секој меч.

СРЕДЕН РЕД – Филип Дурански (Силекс)

Ако некој посебно изненади сезонава тоа е поранешниот македонски шампион Силекс. Кратовци сезонава беа хит на првенството, завршија како третопласирани, а фудбалерот за врска на Силекс запиша три гола на 25 мечеви сезонава и беше еден од најконстантните играчи и стартер на 22 дуели.


НАПАД– Марјан Радески (Шкендија)

Шкендија за младинскиот репрезентативец даде 150 илјади евра обесштетување за да го ангажира од Металург, а Радески со своите игри ги оправда сите вложени пари. Тој заедно со Алими и Ибраими беше најчесто најдобриот поединец на теренот, па сезонава даде девет гола во 25 меча во Првата лига и уште три во Купот, меѓу кои и клучниот погодок во финалето против Работнички за водство од 1-0, момент кој практично и го реши освојувачот на трофејот.


НАПАД – Игор Недељковиќ (Силекс)

По повеќе од една деценија, кратовци стигнаа до Европа иако речиси никој не им даваше големи шанси, особено откако зимоска беа најмалку активни, ниту пазареа, ниту пак играа контролни мечеви (само еден одиграа). Но, Силекс успеа да импресионира, а прв предводник беше напаѓачот Игор Недељковиќ, кој даде 11 гола на 29-те меча што ги одигра. Србинот беше честопати клучна фигура за Силекс и еден од најдобрите што кратовци завршија на крајот на сезоната веднаш зад недопирливите црвено-црни ривали.

НАПАД – Бесарт Ибраими (Шкендија)

Најдобриот стрелец во лигата постигна импресивни 25 голови во 32-та меча што ги одигра сезонава, а додаде уште еден во Купот на патот кон освојување на Куп-трофејот. Ибраими имаше сезона за паметење, се изнадава голови и со своите погодоци до последен момент ја држеше Шкендија и во игра за титулата. Постигна еден хет-трик, трипати даде по два гола на мечевите сезонава, но не успеа ниту еднаш во четири меча да ја погоди мрежата на Вардар. Ибраими сезонава играше и како крило и како напаѓач.  

Најново во Фудбал