„КОБРАТА“ ПОЈАСНИ ДЕКА БИТКАТА Е ЧИСТО ФУДБАЛСКА

Панчев: Мене пари од ФФМ не ми требаат!

Најголемата македонска фудбалска легенда, Дарко Панчев, кој е предводник на иницијативата за спас на фудбалот и кандидат за претседател во ФФМ, јавно порача дека неговата желба да влезе во Иницијативниот одбор за спас под името „Обединети за фудбалот" е чисто фудбалска, без лични амбиции да заработува од Фудбалската федерација на Македонија.

објавено: 8 март 2016 - 08:30

Европскиот и светски првак со Црвена Звезда од 1991 година и освојувачот на „златната копачка“, во интервјуто во емисијата „Трето полувреме“ изјави дека од ФФМ пари не му требаат.

Јас можам лично за себе да кажам дека во иницијативата сум исклучиво од спортски побуди, без разлика што многумина ќе зборат борба за власт, борба за пари, борба за ова-она... Јас од тоа немам потреба. Мене не ми треба претседателската функција за да знаат кој е Дарко Панчев. И денеска сите во Европа знаат кој е Дарко Панчев. Платата што ја земаат не ми треба, си живеам нормален живот, убаво си живеам. Моите побуди, за да биде еднаш јасно, за да не го злоупотребуваат злобниците, се чисто – фудбалски! И ако влезам ќе влезам само поради тоа. Јас знам дека можеби има одредени луѓе и во иницијативата, кои на фудбалската јавност не им се допаѓаат, можеби има луѓе кои правеле одредени грешки, кои не одработиле некогаш добро работејќи во фудбалот, меѓутоа да не заборавиме една работа тие и да правеле грешки, најголеми виновници се тие што се горе (во раководството – н.з.), кои им го дозволувале тоа. Ако јас утре бидам со одредени други фудбалски имиња да го водам фудбалот, на врвот на пирамидата, и ако јас дозволувам да ми прават разни махинации и проблеми тие што се во одредени сектори во федерацијата, тогаш јас сум виновен, а не тие. А тие што нема да работат добро, се знае какви ќе бидат очекувањата – да си дадат оставки. За тие луѓе во фудбалот кои ќе прават махинации, ако дојдеме на власт, нема да има место“, вели македонската легенда Панчев во интервјуто во емисијата „Трето полувреме“.

Тој потенцира дека фалбите на раководството на ФФМ дека е изградена инфраструктура, како и фалбите од УЕФА и ФИФА се очекувани, но не најважни, потенцирајќи дека луѓето во ФФМ се однесуваат како градежници и дека не се сложува со постојано потенцираниот факт дека куќата на фудбалот е само сервис на селекциите .

Инвестирањето во инфраструктурата е важен елемент, ама не е и најважен. Многу поважен елемент е работата со младите категории, креирањето и создавањето на тие играчи, добрата работа во репрезентативните селекции, да се работи професионално... Сите што доаѓаат од УЕФА и од ФИФА на сите федерации им даваат поддршка, тоа тука не е спорно ништо. Ама тие знаат и свесни се дека има многу работи кои не се чисти, но не се тие што ќе менуваат, немаат право да се мешаат во тоа. Се фалат дека направиле 40 терени. Ние треба да ставиме луѓе кои ќе го водат фудбалот, а не да бидат градежници, да не бидат келнери. Без потценување на секоја работа, но тие (раководството на ФФМ – н.з.) се однесуваат токму така. А нив ги задоволуваат тие потреби, да бидат туристички агенти, да бидат градежници, додава меѓудругото Панчев.

Македонската легенда порача и дека добивањето на организацијата на Суперкупот на УЕФА во идната година не е факт за фалба, затоа што сето тоа не е успех на раководството, туку проект на ФФМ.

Јас да бев претседател, не би се удирал во гради, да го сметам Суперкупот за некој голем успех. Ако секој малку го следи фудбалот ќе види дека УЕФА во следните десет години, а тоа го почна од лани, направи една програма, поради афирмација на фудбалот и за доброто на помалите земји, да го носат тој Суперкуп во малите земји. Догодина ќе се игра кај нас во Скопје, следната година во помал град во Норвешка, оваа година во Грузија... Друго ќе беше, каде што Суперкупот се играше само во богатите земји, во две-три земји, па во таа ситуација да успееш некого да ги натераш да го донесат тука. Малку подруга тежина би имало тогаш. Ама кога влегуваш во еден проект, во кој најсиромашните земји се дел од проектот за да им се помогне, тогаш треба да го сфатиш како нешто нормално, а не да се чукаш во гради. Не е тоа мој личен успех, тоа е програма на УЕФА и тие тоа го прават, а секако дека е добро за малите земји“, вели Панчев.

Најново во Фудбал