До крајот на првенството остануваат уште три кола. А. Пандев во недела, во Турново, го дочекува Работнички. Тоа ќе биде дуел на две екипи кои имаат амбиции на лето да играат во Европа.
Според зборовите на тренерот на „пандевци" Југослав Тренчовски, неговиот тим на овој меч нема да смета на својот „бомбардер".
„Да, точно е дека поради пет жолти картони на овој натпревар нема да настапи Зоран Балдовалиев, нашиот прв стрелец и еден од најдобрите голгетери во Лигата. Секако дека тоа е хендикеп за нас, но затоа тука е Сашко Пандев кој сега е целосно фит. Јас лично од него очекувам да ги поведе младите колеги од екипата и против својот поранешен тим да одигра најдобро што може. Искрено не се оптоваруваме премногу со Европа, наш приоритет беше да избориме опстанок, е сега ако ни се укаже шанса секако дека нема да ја пропуштиме, сепак свесни сме дека се зависи од дуелот со Работнички" заврши Тренчовски.