ОТКАКО ЈА ЗАВРШИЈА ЕСЕНСКАТА ПОЛУСЕЗОНА СО 18 БОДОВИ

Пелистерци задоволни на одмор

Секако дека тоа седмо место на табелата не е за радување, но ако се знае како стартуваше Пелистер тогаш овој скор е повеќе од одличен.

објавено: 6 декември 2018 - 17:00

Иако се далеку од врвот, иако тешко, многу тешко дека напролет ќе можат да сторат нешто повеќе во битката за враќање во Првата лига, сепак од саботата сите во Пелистер заминаа на одмор задоволни. Се разбира тука мислиме на играчите и стручниот штаб, додека раководството на битолчани ќе мора да мисли за преодниот рок и за подготовките.

Велиме задоволство зошто познато е дека Пелистер имаше катастрофален старт. Следуваше отказ или оставка на тренерот Томче Трајановски, на негово место дојде Дарко Крстески и работите тргнаа на подобро. Освоени беа 16 бодови па така со вкупно 18 бодови „зелените" завршија на 7. место, со само три бода помалку од третиот на табелата, тимот на Скопје.

Инаку тренерот Дарко Крстески и неговиот помошник Димче Ристевски се во постојана комуникација со спортскиот директор Менде Степановски и заедно прават планови околу зимскиот преоден рок.

Најново во Фудбал