Клучни дуели за опстанок

Победа по бодови за спас во Скопје, Шкупи сонува подвиг против Силекс

Денеска ќе се играат клучните натпревари за опстанок во Првата лига, а двете екипи кои грчевито се борат да не испаднат ќе играат на гости. Победа допатува во Скопје на мегдан на Работнички по бодовите за спас. Шкупи се надева на прекин на лошата серија во Кратово против Силекс. Во фокусот ќе биде и вечното дерби на македонскиот фудбал меѓу Пелистер и Вардар

објавено: 28 мај 2017 - 13:50

Денеска ќе се играат клучните натпревари за опстанок во Првата лига, а двете екипи кои грчевито се борат да не испаднат ќе играат на гости. Победа допатува во Скопје на мегдан на Работнички по бодовите за спас. Шкупи се надева на прекин на лошата серија во Кратово перотив Силекс. Во фокусот ќе биде и вечното дерби на македонскиот фудбал меѓу Пелистер и Вардар, а сите натпревари од претпоследното коло од Првата лига се играат од 16,30 часот .

Прилепчани сами си ја кројат судбината и со три бода денеска речиси сигурно ќе останат прволигаши. Работнички игра само за престиж, бидејќи веќе го обезбеди настапот на европската сцена.

„Одлично играме во финишот на сезоната, но сега се двата клучни натпревари за нас. Мораме да издржиме докрај, за да му се радуваме на опстанокот. Сами си ја кроиме судбината и верувам дека сме кадарни да ги освоиме потребните 4 бода што ќе ни го продолжат прволигашкиот живот.“, вели Зоран Штерјоски, тренерот на Победа.

Шкупи има два бода помалку од Победа и денеска мора да слави во Кратово, против Силекс. Чаирчани ќе играат и против традицијата, бидејќи имаат 5 порази по ред во Кратово. Последен пат освоија бод во 2003 година кога ремизираа, 2:2. Силекс е безбеден на шестата позиција.

Во Битола ќе се игра дербито меѓу двете екипи кои веќе освоија по еден пехар сезонава. Победникот во националниот куп, Пелистер, ќе му биде домаќин на шампионот Вардар во ревијален меч, за уживање на публиката.

Двојки, 35. коло, 16,30 часот: Работнички - Победа, Силекс - Шкупи, Пелистер - Вардар, Ренова - Шкендија и Македонија Ѓ.П. - Брегалница.

Најново во Фудбал