И математиката е во игра за прволигашкиот статус

Победа сонува кота 4 за опстанок

Победа има одлични шанси за опстанок, а веќе на следниот меч со Работнички на гостински терен може да се доближи кон целта, продолжување на прволигашкиот живот. Во последните две кола на прилепчани им требаат 4 бода за да го осигураат настапот во нашата најсилна лига и идната сезона

објавено: 24 мај 2017 - 10:07

Победа има одлични шанси за опстанок, а веќе на следниот меч со Работнички на гостински терен може да се доближи кон целта, продолжување на прволигашкиот живот. Во последните две кола на прилепчани им требаат 4 бода за да го осигураат настапот во нашата најсилна лига и идната сезона.

Во недела е првиот испит на можностите за Победа, против Работнички, екипа што веќе го обезбеди настапот во Европа.

„Секоја чест за моите фудбалери, што го издржаа притисокот во финишот на првенството. Играме одлично, но мора да ги освоиме и тие потребни 4 бода во последните две кола. Имаме добри шанси да ја оствариме целта и верувам дека ќе успееме“, вели Зоран Штерјовски, тренерот на Победа.

Неговите избраници во последниот дел од шампионатот играат како препородени и во последните 10 кола освоија 17 бода и заедно со Ренова се зад шампионот Вардар, според формата. Токму Ренова ќе биде последната пречка за Победа на стадионот во Могила, во последното коло. Битката со Шкупи за избегнување на осмата позиција сепак се уште не е решена, а прилепчани во завршните две рунди влегуваат со два бода предност.

Во случај двете екипи да имаат ист број на бодови, Победа ќе остане прволигаш поради подобриот меѓусебен скор со чаирчани.

Најново во Фудбал