СЀ ПОВЕЌЕ ПРИВРЗАНИЦИ НА СТРАНАТА НА МЛАДИТЕ ФУДБАЛЕРИ

Поддршка за суспендираните од Металург стаса и од иницијаторите за промени во ФФМ

Случајот со суспендираните млади фудбалери на Металург добива сѐ поголем публицитет.

објавено: 17 јануари 2016 - 16:20

Откако вчера поддршка на младите фудбалери им даде целокупната спортска јавност во Македонија, како и Синдикатот на професионални фудбалери на Македонија, денеска преку соопштение се јавија и иницијаторите за промени во ФФМ. Соопштението го пренесуваме во целост.

„Иницијативниот одбор на Обединети за Фудбалот со ова ја искажува својата безрезервна подршка на фудбалерите на Металург кои на незаконски начин се казнети од страна на ФФМ при што име ускратено елементарното право на работа и заработка.

Незаконското казнување на играчи, кои 5 месеци не примиле плата, со забрана на работа на уште 6 месеци е нечуен преседан во светски рамки. Во овој случај прекршени се закони на Р.Македонија, како и прописите на ФФМ. Фудбалската Федерација со овој чин ги крши и прописите на ФИФА и нејзиниот Правилник за Статус и трансфер на играчи кој во својата основа го има елементарното право на работа на професионалниот фудбалер, како и слободата на избор на клуб (во рамки на одредени правила).
Обединети за Фудбалот токму во својата програма има и дел, кој се однесува на зголемено учество на професионалните играчи во управувањето со фудбалот, преку имплементирање на одреден број претставници на синдикатот на фудбалери како делегати во Собранието на ФФМ.

Обединети за Фудбалот ќе обезбедат исто така, да во новоформираната Арбитража при МОК бидат вклучени и претставник (претставници) на фудбалерите што е и обврска на ФФМ и МОК согласно упатствата на ФИФА за задолжително учество во споровите во кои една страна е фудбалер и на претставник на фудбалерите (поинаков начин на арбитрирање ФИФА не признава). Иако, во овој момент немавме намера да го презентираме овој дел на нашата програма, реагираме и бараме ФФМ најитно да ја корегира својата одлука. Секое доцнење ќе има сериозни последици за фудбалерите, особено што истите нема реално да имаат корист од остварување на своите неспорни права кое би се случило по завршување на зимскиот преоден рок.

Втората крупна мерка што је планираме во врска со положбата на фудбалерите во Македонија е зголемување на минималната плата на фудбалерите која во моментов е мизерна. Истото ќе го направиме и во интерес на сопствениците на клубовите со мерки кои ќе бидат објавени во делот на реформи на професионалната лига.“, се вели во соопштението од иницијаторите за промени во ФФМ

Најново во Фудбал