„РОМАНТИЧАРИТЕ“ РЕМИЗИРАА НА ПРВИОТ НАТПРЕВАР

Пречката сојузник на Будуќност: Работнички немаше среќа да победи во Скопје (ФОТО)

Работнички мора да постигне гол на реваншот против Будуќност ако сака да се надева на пласман во второто квалификациско коло од Лигата на Европа, бидејќи денеска на првиот натпревар на „Филип Втори“ одигра само 1-1. „Романтичарите“ немаа среќа да победат, два пати ја погодија пречката од голот на црногорскиот тим, имаа уште две фантастични шанси за гол, а противникот поведе по првата своја шанса.

објавено: 28 јуни 2016 - 19:51

Будуќност го отвори резултатот по прват опасност по голот на Работнички. По еден центаршут во шеснаесетникот, целата одбрана на „романтичарите“ и голманот Дамјан Шишковски извисија, па топката само го погоди Јанкетиќ кој реализираше за 0-1 во 36-тата минута.

Само неколку минути подоцна Марјан Алтипармаковски ја здрма пречката од голот на Будуќност откако одлично се ослободи од еден фудбалер на противничкиот тим и шутираше силно, но рамката од голот беше сојузник на голманот Драгојевиќ.

Во второто полувреме нашиот претставник тргна уште поофанзивно, а пречката на Будуќност повторно се тресеше овој пат по одлично изведениот слободен удар на Мите Цикарски во 62-та минута. Алтипармаковски уште еднаш беше блиску до погодок, но неговиот удар со глава голманот на Будуќност го одбрани со ефектна парада.

На десет минути до крајот „романтичарите“ дојдоа до заслуженото израмнување и тоа благодарение на резервистите. Филип Дурански одлично смири една топка во шеснаесетникот на Будуќност одигра повратна до Елмаз кој со одмерен и прецизен удар од 16 метри погоди за 1-1. Веќе во следниот напад повторно се затресе мрежата на Будуќност, но голот ан Херера беше поништен поради офсајд.

На само една минута до крајот на натпреварот  Деан Митрев утна прекрасна шанса за гол за Работнички за целосен пресврт и победа. Херера центррираше од десната страна, а стоперот од само пет метри шутираше над голот на Будуќност. Тоа воедно беше и последната шанса за Работнички да дојде до победа на првиот натпревар од првото квалификациско коло  од Лигата на Европа. 

Најново во Фудбал