ОПСТАНОКОТ ВО ЛИГАТА ЌЕ СЕ РЕШАВА ВО ПОСЛЕДНОТО КОЛО

ПРВА ЛИГА: „Златен“ пораз за Победа, Пелистер ја загуби најважната битка

Скопје триумфираше над Победа, Пелистер загуби, а опстанокот ќе се решава во последното коло. Вардар, конечно, со триумф на домашен терен иако настапи со неколку „младинци“, а „европското“ дерби во Кратово заврши без голови. Шкендија немаше проблеми со градскиот ривал Ренова

објавено: 16 мај 2018 - 18:14

Скопје го совлада тимот на Победа, и ја „замрси“ дополнително битката за опстанок во Првата лига, која ќе се решава во последното коло од сезоната. Стрелец на единствениот гол во денешниот меч беше Ѓоко Алексовски, а во финишот и двата тима имаа шанса за гол. Најпрво Победа ја погоди пречката во 89. минута, а потоа се тресеше стативата на прилепчани по обидот на Десниќ во 90. минута. 

Пелистер ја загуби најважната битка за опстанокот, и драстично ги намали шансите за опстанокот. Битолчани загубија од Шкупи на домашен терен со 0:2, а од друга страна, пак, чаирчани имаат големи шанси за 4. место кое може да носи излез во Европа. 

Вардар после пет меча без триумф како домаќин, денеска го совлада составот на Академија Пандев. Бабунски повторно изведе на терен „младински“ тим и имаше негатива по првиот дел со голот на Пандев. Сепак, со головите на Максимов и на Барсегјан Вардарци стигнаа до водство, кое го анулираше Марков. Но, во финишот од средбата откако Академија Пандев утна неколку „зицери“, Максимов носи водство на Вардар и конечен триумф од овој меч. 

Силекс и Работнички во „европската“ битка одиграа без голови. Ова најмногу му одговораше на Шкупи, а кратовци сега го загубија и четвртото место. 

На крајот во меч без никакво значење, Шкендија  ја совлада Ренова со 3:0. Ибраими два пати и еднаш Жуниор стрелаа во мрежата на „гипсарите“. 

РЕЗУЛТАТИ 35. КОЛО

Скопје - Победа 1:0

Пелистер - Шкупи 0:2

Ренова - Шкендија 0:3

Силекс - Работнички 0:0

Вардар - Ак. Пандев 3:2

ТАБЕЛА: 

1. Шкендија 88

2. Вардар 56

3. Работнички 49

4. Шкупи 48

5. Силекс 47

6. Ак. Пандев 42

7. Ренова 41

8. Скопје 35

9. Победа 35

10. Пелистер 34

Најново во Фудбал