РЕДНО ВРЕМЕ Е РОМАНТИЧАРИТЕ ДА НЕ ЗАГУБАТ НА ГОСТИ

Офанзивниот Работнички со дефанзивна тактика во Трабзон?!

Европската сезона на Работнички уште сега може да се наречен успешна, без разлика на конечниот усхиод од вечерашниот реванш натпревар од третото квалификациско коло во Лигата на Европа против Трабзонспор. Ниту еден македонски клуб летово не успеа да мине едно коло во меѓународните купови, па „романтичарите" успеаја да го обелат образот на македонскиот клупски фудбал.

објавено: 6 август 2015 - 16:00

Победата од 1-0 остварена на „Филип Втори" минатиот четврток одекна силни низ македонската фудбалска јавност, но и во Европа, со оглед на фаворитската улога на Трабзонспор. Турскиот тим и натаму останува сериозен фаворит да мине во плеј-оф рундата, но притисокот е на нивна страна, бидејќи мораат да бркаа негатива против тим од кој не очекуваа пораз на првата пресметка.

Момците на Игор Ангеловски пред една недела покажаа дека парите не секогаш се одлучувачки фактор, бидејќи само Оскар Кардозо во турскиот гигант има два пати поголема годишна плата од целиот буцет на Работнички. Квалитетот не е секогаш вистински вреднуван, а Баже Илијоски, Марјан Алтипармаковски, Штефан Вујчиќ, Суад Сахити, Милован Петровиќ и останатите „романтичари" дефинитивно си ја зголемија својата вредност на фудбалскиот пазар со настапите ова лето во Европа.

Денеска нашиот тим го очекува пеколна атмосфера на стадионот „Хусеин Авни Акер". Но како што не се исплашија од името на противникот на првиот натпревар, така фудбалерите на скопскиот тим велат дека таа атмосфера само ќе ги мотивира многу повеќе да покажат што знаат. Во претходните две кола, Работнички забележа два порази на гостувањата од по 1-0 против Флора Талин и Јелгава. Вечерва (19 часот) ќе мора да одигра на нивото како што „газеше" во Скопје. Грешките од тие натпревари не смеат да се повторат, бидејќи „бордо-сините" со оглед на нивниот квалитет немилосрдно ќе казнуваат.

Одбраната веројатно ќе понесе многу поголем товар за разлика од првиот натпревар. Иако филозофијата на Работнички е исклучиво напаѓачка игра со силен пресинг на противничката половина, денеска можеби ќе видиме нешто подефанзивна тактика. Во составот не би требало да има премногу измени. Даниел Божиновски останува на голот, додека во дефанзивната четворка нема да има измени и ќе ја составуваат Горан Силјановски, Милан Илиевски, Кире Ристевски и Мите Цикарски. Во средниот ред Штефан Вујчиќ и Милован Петровиќ повторно се сигурни за настап, но може да има промена на фудбалерите кои играат на страничните позиции. Чума Анене и Суад Сахити се исклучително офанзивни крила, па тренерот Игор Ангеловски би можел еден од нив да замени со Душко Трајчевски, кој би го заземал местото во средниот ред, а Милован Петровиќ би бил префрлен на левата страна. Во нападот остануваат стрелецот на победничкиот гол од првиот натпревар Баже Илијоски и Марјан Алтипармаковски, кои изминативе шест месеци покажаа дека се одличен тандем.

Работнички традиционално е нашиот најдобар претставник во Европа, а со позитивен резултат денеска, па и пораз од 2-1 би ги однел во плеј-офот за влез во групната фаза во најмасовното клупско натпреварување на Стариот континет. Пред четири години „романтичарите" го шокираа фаворизираниот Анортозис во оваа фаза и се изборија за двомеч со Лацио, а мотивирани од скопските 1-0 шансите на нашиот тим за нов успех не се воопшто мали.

Најново во Фудбал