„РОМАНТИЧАРИТЕ“ ВО 3.КОЛО ВО ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Работнички е класа за Јелгава: Илијоски и Сахити обезбедија двомеч со Трабзонспор (ФОТО)

Работнички со 2-0 ја совлада Јелгава во реванш натпреварот од Лигата на Европа и обезбеди пласман во третото квалификациско коло. Нашиот претставник ја елиминираше негативата од 1-0 од првиот натпревар за само десетина минути во првиот дел и покажа дека со квалитетот е далеку пред тимот од Летонија. Илијоски и Сахити беа творци на победата и му обезбедија на својот тим двомеч со турскиот тим Трабзонспор.

објавено: 23 јули 2015 - 21:48

„Романтичарите" посакаа да го отворат резултатот од првата шанса на натпреварот и токму тоа и го сторија. Мите Цикарски фантастично центрираше од левата страна, а Баже Илијоски реализираше со глава во негов стил. Раното водство уште во шестата минута му даде „крила" на нашиот тим кој продолжи да притиска кон голот на Јелгава.

Иницијативата се исплатеше веќе во 17-тата минута. Илијоски пресече една топка на противничката половина, го проигра Сахити, кој втрча во шеснаесетникот покрај двајца противнички дефанзивци, го мина голманот Икстенс и реализираше за 2-0. Ако на првиот натпревар утнаа безброј шанси, вечерва „романтичарите" погодија од првите два удари кон противничкиот гол, а на полувремето можеа да одат и со 3-0, но овој пати Илијоски со глава биеше само неколку сантиметри покрај голот.

Вториот дел мина во далеку послабо темпо и се почувствува дека Работнички дека повеќе ќе внимава на својот гол. Атаците продолжија, но не беа така жестоки како во првиот дел. Марјан Алтипармаковски беше најблиску до трет гол за Работнички во 57-та минута, но пред да ја смести топката во мрежата од само неколку метри беше изблокиран од еден противнички дефанзивец.

Во 70-тата минута Јелгава го имаше првиот од двата опасни напади, кога ударот на Сушкин беше изблокиран од Милан Илиевски. На пет минути од крајот Летонците се обидоа по втор пат да го загрозат Божиновски, но млакиот удар беше лесен плен за голманот на Работнички. Конечниот резултат 2-0 можеше да биде и многу поубедлив исто како и пред една недела против Флора Талин, но беше доволно за да се елиминира Јелгава.

„Романтичарите“ уште еднаш го обелија образот на македонскиот фудбал во Лигата на Европа и си закажаа двомеч во третото коло со турскиот гигант Трабзонспор, кој со две победи го елиминираше претставникот на Луксембург Диферданж.

Најново во Фудбал