МИНИМАЛЕН ПОРАЗ НА РЕВАНШОТ ВО КАЗАН

„Романтичарите“ елиминирани со кренати глави: Карлос Едуардо го сруши сонот за Лига на Европа (ВИДЕО)

Работнички доживеа елиминација од Рубин Казан во плеј-оф рундата од Лигата на Европа и не успеа да стигне го групната фаза од ова натпреварување. Нашиот тим денеска на реванш натпреварот во Русија загуби со минимални 1-0 и со вкупен резултат од 2-1 ги заврши настапите во второто по ранг европско клупско натпреварување.

објавено: 27 август 2015 - 19:50

Бразилецот Карлос Едуардо беше стрелец на единствениот гол кој му беше доволен на Рубин да мине во групната фаза. Мора да се истакне одличната партија на голманот на Работнички Даниел Божиновски, кој со неколку одлични интервенции беше најзаслужен за минималниот пораз на нашиот тим.

Рубин беше доминантен во првиот дел и само голманот Даниел Божиновски беше пречка да не дојде до убедливо водство уште по 45 минути. Динијар Билјадетинов се закани уште во 10-тата минута од слободен удар, а Божиновски со добра интервенција само се загреа за шутевите кон неговиот гол кои следуваа во продолжението. Владимир Дјадјун имаше добра можност по една контра во 19-тата минута, но Божиновски повторно се истакна. Потоа следуваа уште две фантастични интервенции на голманот на „романтичарите" повторно по ударите на Билјадетинов и Дјадјун.

Единствените обиди за Работнички ги имаа Баже Илијоски, кој шутираше млако со глава, и Чума Анене кој се обиде од далечина, но неговиот удар не беше проблем за Рииков.

Даниел Божиновски не можеше да одбрани сѐ, особено не во 35-тата минута, кога погоди Карлос Едуардо. Максим Кањуников продре по левата страна и го мина Милан Илиевски, па проигра кон белата точка на 11 метри, а на Едуардо му преостана полесниот дел да реализира за 1-0.

Вториот дел почна со прекрасна шанса за Рубин, а овој пат дирекот беше наш сојузник по ударот со глава на Кањуников. Стрелецот на голот Карлос Едуардо упати вистинска бомба од далечина, но Даниел Божиновски по кој знае кој пат на овој натпревар интервенираше одлично.

Во 65-тата минута имаше сомнителна ситуација во шеснаесетникот на Рубин, кога Маурисио Лемос стартуваше над Баже Илијоски, но главниот судија Хусеин Гечек не покажа на белата точка. Најдобрата шанса во вториот дел македонскиот претставник ја имаше во 75-тата преку Чума Анене, кој со глава биеше покрај гол. И покрај доминацијата од крајот на натпреварот, Работнички не најде решение за бедемот пред голот на Сергеј Рижиков и немаше шанса да дојде барем до израмнување и да се избори за продолженија.

 

Најново во Фудбал