ПРВАКОТ СЕ ОДЛЕПИ НА +3 БОДА ВО ОДНОС НА ВАРДАР

Сега Шкендија се прашува...

На четири кола до крајот на есенскиот дел, тетовци имаат три бода предност пред Вардар. Шампионот е во серија од пет победи во низа, дали уште сега се надзира новата титула за Шкендија ако се знае во какви проблеми се скопските „црвено - црните".

објавено: 13 ноември 2018 - 14:00

И дефинитивно во Шкендија сега полесно се дише. Ако до пред месец дена тетовци како да беа по малку „загубени" поради оние - 7 бодови во однос на, тогаш лидерот, Вардар, сега работите се свртеа во целост во корист на шампионот. Сега Шкендија е прва, сега Шкендија има три бода предност пред Вардар и тоа на четири кола до крајот на есенскиот дел. Сега Шкендија е таа која се прашува...

СЕРИЈА ОД ПЕТ ПОБЕДИ ВО НИЗА

Ситуацијата се сврте поради тие пет победи во низа на Шкендија. Пред тимот на стратегот Ќатип Османи паѓаа Вардар (2:0), Македонија ЃП (5:1), Беласица (2:0), Шкупи (3:0), Работнички (2:1). И ако не беше оној „кикс" во Купот со Победа на свој терен, секако дека сега се ќе беше идеално за клубот од Тетово. Се разбира дека до крајот има вкупно уште 22 кола, но ако работите во Вардар не се поправат и со тоа барем малку и ја отежнат работата на Шкендија, тогаш јасно е како ден кој на крајот ќе се радува на пехарот.

ТРИУМФ БЕЗ БЕСАРТ, ЖУНИОР, БЕЈТУЛАИ...

Оваа победа и овие три бода за значајни за тетовци и поради тоа што стратегот Ќатип Османи не можеше да смета на тројца свои фудбалери, можеби и најдобрите во овој момент.

А тоа се Бесарт Ибраими, Стенио Жуниор и Егзон Бејтулаи. Првите двајца поради повреда, а третиот поради суспензија. Но, и без нив тетовци го остварија планот.

Сега до 22. ноември следува десетдневна пауза во шампионатот поради репрезентацијата, во наредното коло тетовци ќе се соочат со Силекс на домашен терен.

Паузата добредојдена. Бесарт Ибраими и покрај проблемите со коленото ги бодреше колегите на дербито со Работнички. Во друштво на претседателот на клубот Висар Беџети, во саботата беше на трибините на „Филип Втори", на крајот не го криеше своето задоволство од новата победа.

Најново во Фудбал