ЛИДЕРОТ НА ТАБЕЛАТА ГО ПРЕЧЕКУВА СТАРИОТ ПОЗНАНИК

Шкендија е крвникот на Силекс

На последните 26. меча помеѓу овие две екипи, Шкендија победила на 24., а загубила само на еден. Еден меч завршил и нерешено. Против Силекс тетовци ќе настапат без стандардното напаѓачко трио, Ибраими-Жуниор-Радески.

објавено: 21 ноември 2018 - 13:45

Екипата на Шкендија во моментов се наоѓа на лидерската позиција на табелата, и актуелниот бранител на двојната круна ќе направи се за да до крајот на полусезоната остане така. Тетовци мака видоа додека да го преземат врвот есенва од Вардар, а сега ќе се обидат што е можно подолго да останат на таа позиција.

Лидерското место се брани со победи, со освојување бодови. Особено против оние екипи кои реално мораш да ги победиш, кои се квалитативно под твоето ниво. Таква е ситуацијата на Шкендија во моментов кога станува збор за дуелот со Силекс. Мечот се игра утре, на Градскиот стадион во Тетово, и истиот ќе биде дел од една огромна позитивна серија за Тетовци која трае веќе сезони и сезони.

САМО ЕДЕН ПОРАЗ ВО ТРИЕСЕТИНА МЕЧЕВИ

Статистиката вели дека Шкендија на последните 26. меча против Силекс, загубила само еднаш и одиграла нерешено уште еднаш. Се останато е позитива за Тетовци. Бројки кои секако сериозно алудираат на уште еден триумф на Шкендија, која во моментов реално и е далеку поквалитетен тим.

Но, најтешко е секогаш да се добие веќе запишан во графата на победи меч, а овој за Тетовци е токму таков. Силекс пак од друга страна, одигра добро последниот пат кога гостуваше на Градскиот стадион во Тетово, против Ренова, извади бод. Но, Шкендија е сосема нешто друго, и Кратовци имаат многу тешка задача пред себе.

Најново во Фудбал