ШАМПИОНОТ ВЕЧЕРВА СЕ ВРАЌА ВО ТЕТОВО

Шкендија и во Анталија ја покажа својата сила (ВИДЕО)

Четири меча со силни противници, две победи и две ремија, само едно слабо полувреме. Тимот подготвен го дочекува стартот на пролетниот дел, остануваат само финеси да биде се како што треба

објавено: 5 февруари 2019 - 14:39

Вечерва експедицијата на Шкендија треба да биде во Тетово. Завршија подготовките во Анталија, кои во целост беа успешни, барем што се однесува до пријателските натпревари. Четата на стратегот Ќатип Османи и во Анталија ја покажа сета своја сила, одигра четири меча со силни противници. А на нив тетовци победија двапати (Грасхоперс 2:0) и Оренбург (2:0), двапати ремизираа (Сент Полтен 2:2) и Железничар (2:2). Освен првото полувреме со Жељо вчера, се друго беше навистина квалитетно, да не кажеме одлично. Ако Шкендија играше постојано со првиот тим резултатите ќе беа уште подобри. Се разбира дека остануваат само уште некои финеси да се поправат за да се биде идеално, или како што треба. Секако дека годат пофалбите на Амар Осим, тренерот на Железничар, кој по вчерашниот дуел ја пофали Шкендија и нејзината сила.

Бејтулаи ќе може со Вардар...

Агим Ибраими одлично се вклопи, постигна и два гола, Зени Хусмани е на добар пат тоа да го стори. Радува фактот дека Стенио Жуниор се врати, потоа дека Марјан Радески цело време тренираше со своите клупски колеги. Повредата на Егзон Бејтулаи не е толку критична, тој има мало истегнување и затоа беше поштеден. Од клубот велат дека репрезентативецот ќе биде подготвен за следниот викенд и мега дербито со Вардар на старотот од пролетниот дел. Додека Гледи Мици вчера не играше поради поштеда. Се на се одлични подготовки од кои во Шкендија мора да бидат задоволни.

Инаку на овој ЛИНК ќе може да видите дел од атмосферата во таборот на Шкендија за време на подготовките во Анталија.

Најново во Фудбал