Останаа уште две дилеми во Првата лига

Шкендија ја има европската виза за Работнички

Работнички денеска ќе игра со Шкендија во Тетово во дербито на 34. коло, а „романтичарите“ со победа или реми ќе бидат многу блиску до потврда на третата позиција која гарантира настап во квалификациите за Европа лигата. Со исти амбиции е и Ренова, која му гостува на шампионот Вардар, а има 5 бода минус во однос на Работнички

објавено: 21 мај 2017 - 13:30

Работнички денеска ќе игра со Шкендија во Тетово во дербито на 34. коло, а „романтичарите" со победа или реми ќе бидат многу блиску до потврда на третата позиција која гарантира настап во квалификациите за Европа лигата. Со исти амбиции е и Ренова, која му гостува на шампионот Вардар, а има 5 бода минус во однос на Работнички.

Интересно е што Шкендија на некој начин е екипата која одлучуваше за позициите кои водат во европските купови. Тетовци ја загубија шампионската битка со Вардар,па како второпласирани ќе играат во квалификациите за ЛЕ. Потоа загубија во финалето на националниот куп од Пелистер, со што им овозможија на битолчани по долг период да „излезат“ во Европа. Ако и денеска загубат од Работнички, ќе стават печат на уште една европска виза за „романтичарите“.

Ренова се надева на подвиг во Скопје против Вардар, а ќе мора да игра и против шампионски состав и против традицијата. Клубот од Џепчиште го нема победено Вардар во последните 8 меѓусебни средби, а денеска им одговара само триумф.

Во битката за опстанок Победа и Шкупи ќе играат против отпишаните Македонија Ѓ.П. и Брегакница и тоа на свој терен. Прилепчани имаат два бода повеќе од Шкупи, а влогот е седмата позиција, која гарантира опстанок. Клубот што ќе биде осмопласиран ќе мора да игра бараж меч против Новаци за место во Првата лига и идната сезона.

Двојки, 34. коло, 16,30 часот: Шкендија - Работнички, Вардар - Ренова, Победа - Македонија Ѓ.П., Шкупи - Брегалница, Силекс - Пелистер.

Најново во Фудбал