ВО ПРЕСРЕТ НА ЗИМСКИОТ ПРЕОДЕН РОК

Шкендија почнува со Агим Ибраими, завршува со...?

Шампионот има намера осетно да се засили, прв кој ќе биде промовиран најверојатно ќе биде Агим Ибраими.

објавено: 8 декември 2018 - 08:00

Додека играчкиот кадар и стручниот штаб од вчера се на одмор, раководството на Шкендија е во интензивни разговори и преговори со неколку имиња со кои би можел шампионот осетно да се засили. Секако дека прв „пик" е Агим Ибраими, но се шпекулира и со Барсегјан, Новак и Битанг од Вардар. Исто така можно е да се донесе и некој странец.

АГИМ Е СЛОБОДЕН ОД 1 ЈАНУАРИ

Не е тајна дека Шкендија е најблиску до Агим Ибраими, поранешниот репрезентативец и актуелен член на Домжале, кој е дете на тетовските „црвено - црни". Како што велат нашите информации тој прв ќе биде промовиран. Сепак треба да се почека некој ден, и тоа поради фактот дека Агим Ибраими официјално има договор со Домжале до 31 декември, значи нема да има никакви проблеми да се дојде до неговиот потпис. Ќе се почне со него, а со кој ќе се заврши останува да се види.

ЌЕ ИМА ЗАМИНУВАЊА

Покрај најавите дека Шкендија ќе ангажира неколкумина нови имиња, дознаваме дека од клубот ќе треба да си заминат одреден број на играчи. Но за тоа треба да реши прво стратегот Ќатип Османи кој заедно со раководството на клубот треба да одлучи за тоа на кого клубот ќе му се заблагодари. А факт дека одредени поединци не го дадоа она што се очекуваше од нив.

Најново во Фудбал