Лидерот прегрме тешко гостување

Шкупи е лесен плен за Шкендија, Пелистер не сака романтика во Битола

Лидерот Шкендија многу лесно го доби дербито на 20. коло против Шкупи, со 3:0 и направи крупен чекор кон втората титула во историјата на клубот. Изненадување имаше во Битола, каде Пелистер со пресврт од 0:1 стаса до многу значајна победа од 3:2 против Работнички

објавено: 18 февруари 2018 - 16:06

Лидерот Шкендија многу лесно го доби дербито на 20. коло против Шкупи, со 3:0 и направи крупен чекор кон втората титула во историјата на клубот. Изненадување имаше во Битола, каде Пелистер со пресврт од 0:1 стаса до многу значајна победа од 3:2 против Работнички.

Адријан Цуцули во првиот дел и Ферхан Хасани од пенал и Бесарт Ибраими во вториот дел го декласираа амбициозниот состав на Шкупи.

Се очекуваше рововска битка, но лидерот брзо ги разоружа чаирчани и ги декласира со 3:0. Попуста беше поддршката од публиката, бидејќи тетовци беа многу подобри и останаа на плус 8 од шампионот Вардар, по првото гостување во пролетниот дел.

Пелистер приреди мини-изненадување против фаворизираниот Работнички. Битолчани не сакаа „романтика“ и успеаја да ги испратат скопјани дома без бодови.

Христијан Кировски рано донесе предност за гостите, но Борче Маневски и Ристе Илијовски со голови во кус период од четири минути направија пресврт уште во првото полувреме. Работнички напаѓаше и израмни на 2:2 со голот на Чинеду Гофри, а потегот на мечот сепак го имаа пелистерци. Поточно Иве Трифуновски, кој постигна еврогол од 25 метри, откосо за големо славје во Битола им победа од 3:2.

Вардар очекувано ја надигра и победи Победа, со 3:0, а Академија Пандев и Скопје ремизираа без голови.

Резултати, 20. коло: Шкупи - Шкендија 0:3, Вардар - Победа 3:0, Пелистер - Работнички 3:2, Академија Пандев - Скопје 0:0. Вчера: Ренова - Силекс 0:0.

Табела: Шкендија 50, Вардар 42, Силекс 32 (еден меч помалку), Академија Пандев 26, Шкупи 26, Работнички 24, Пелистер 20, Ренова 20, Победа 20, Скопје 11 (-1).

 

Најново во Фудбал