ЛОША ВЕСТ ЗА ЧАИРЧАНИ

Шкупи нема право да игра во Европа!

Екипата на Шкупи сезонава е едно од најпријатните изненадувања во македонската Прва фудбалска лига, бидејќи по 20 одиграни кола е на делба на високото трето место заедно со Работнички и Силекс.

објавено: 1 март 2016 - 14:25

Солидните настапи на клубот му овозможија да се бори за една од позициите кои овозможуваат настап на европската сцена во идната сезона, но и доколку Шкупи го освои третото место сезонава, ќе нема право на настап во Лигата на Европа, а пречка е честата промена на имињата на клубот и последната фузија со која чаирчани се вратија во Втората лига, а од оваа сезона се дел од елитата.

Клубот од Чаир во сезоната 2013/2014 направи фузија со екипата на Корзо, а претходно настапуваше под името на Слога Југомагнат, па Албарса, откако чаирскиот клуб заврши во најнизок ранг поради бојкотот на првенството во сезоната 2009/10 во битката за уривање на поранешниот претседател на ФФМ, Харалампие Хаџиристески.

Според пропозициите на УЕФА треба да поминат три сезони од „здружувањето" за да може клубот да испрати барање за евро лиценца. Според членот 12 во правилникот за лиценцирање, забрането е промена на име или клупски бои, размена на акции помеѓу клубови во период за три години и сето тоа се смета за нарушување на интегритетот на членство.

„Нашата цел за оваа сезона е обезбедување на опстанок во лигата. Секако дека ќе се бориме за што подобар пласман до крајот на сезоната, но и доколку завршиме на едно од местата кои водат во Европа, ќе немаме право на настап бидејќи сезонава е последна во која немаме право на поднесување на барање на евролиценца поради фузијата од пред три сезони", ни изјавија од управата на Шкупи.

Шкупи, кој во минатата година преку Втората лига доминантно се врати во елитата, изненади сезонава со пласманот во самиот врв, па сега по само 20 кола има 10 бодови предност во битката за плејофот на седум кола до крајот на овој круг и поделбата на лигата, па тие веќе со една нога го имаат обезбедено опстанокот.

Најново во Фудбал