Во Тетово е премиерата на второто коло во Првата лига

Силекс ќе ја тестира цврстината на „гипсарите“ од Ренова

Ренова и Силекс денеска од 17 часот ќе го играат премиерниот меч од второто коло во домашната лига, а ривалите се израмнети, барем според билансот во последните меѓусебни натпревари

објавено: 19 август 2017 - 14:48

Ренова и Силекс денеска од 17 часот ќе го играат премиерниот меч од второто коло во домашната лига, а ривалите се израмнети, барем според билансот во последните меѓусебни натпревари.

Двете екипи во последните неколку сезони постојано атакуваат на позициите кои гарантираат европско лето, а и Ренова и Силекс имаат солидно искуство со настапите во квалификациите во европските купови. Амбициите им се исти и сезонава, па овој меч е важен за двете екипи за фаќање на што подобра позиција и поглед кон врвот.

Интересно е шти и билансот во последните дуели им е комплетно израмнет, имаат по две победи и по две нерешени средби на последните шест пресметки. И двете екипи ги водат одлични домашни стратези. На клупата на Ренова летово се врати Влатко Костов, тренер со кој Ренова ја освои единствената титула во сезоната 2009/10 и националниот Куп во 2011/12.

На спротивната страна е еден од нашите најнадежни стратези, Жикица Тасевски, кој има и интернационално искуство, па ќе биде интересно да се следи надмудрувањето и меѓу играчите на теренот и меѓу двата тренери, крај аут-линијата.

Двојки, второ коло, денеска од 17 часот: Ренова - Силекс. Утре, 17 ч.: Вардар - Победа, Пелистер - Работнички, Академија Пандев - Скопје. Понеделник, 17 ч.: Шкупи - Шкендија.

Најново во Фудбал