Нема волшебно стапче, но има одлични резултати

Силекс со нов лик, Жикица Тасевски чуда прави

Жикица Тасевски направи чудо со Силекс во финишот на есенскиот дел од сезоната и на 7 меча е непоразен во шампионатот, па продолжението напролет го чека со амбиции да бие битка за европски настап

објавено: 10 декември 2016 - 14:38

Жикица Тасевски направи чудо со Силекс во финишот на есенскиот дел од сезоната и на 7 меча е непоразен во шампионатот, па продолжението напролет го чека со амбиции да бие битка за европски настап.

Тасевски кој има и интернационално искуство како тренер во Бугарија и во Кина, го презеде кормилот на прволигашот од Кратово во 12 коло и тргна со победа против Брегалница. И потоа се нижеа само успеси, па за само 7 кола освои 13 бодови, повеќе од сите претходници заедно, кои успеаја да запишат само 11 бода во 11 рунди.

Шлагот на есенската приказна е ремито во Скопје против Вардар во последното коло, за одличен крај на првиот дел од шампионатот, а можеби мал неуспех е елиминацијата во купот во двомечот со Пелистер.

„Јас сум задоволен од резултатите, иако испаднавме во Куп натпреварувањето. Ни се погоди пеколен ритам од натпревари, но барем сега не стравуваме за опстанок. И верувам дека напролет ќе бидеме уште подобри. Сепак им треба време на играчите да го прифатат начинот на работа, што го практикувам и во од решававме многу работи. Успешно ги надминавме сите проблеми и кризи во играта и без пораз го завршивме првиот дел, што е одличен ефект“, вели Тасевски.

Три победи и четири нерешени натпревари во еден ритам, од 12. до последното есенско коло се за почит, а за дел од играчите на Силекс веќе има интерес од домашни и странски клубови.

„Освен Недељковиќ, кој има понуди од неколку клубови од странство, сите останати играчи ќе треба да се јават на 9. јануари, на првата прозивка пред подготовките за пролетниот дел од сезоната. Знам за интересот на неколку наши клубови, особено за младинскиот репрезентативец Кристијан Филиповски, но јас планирам да се засилиме и да се обидеме да стасаме до излез на европската сцена“, додава човекот што донесе препород и во играта и во резултатите на Силекс.

Зимските подготовки веројатно ќе бидат во Анталија, а кратовци планираат да се засилат со 4-5 квалитетни играчи. Пред се треба да се засили конкуренцијата во нападот, но и во одбраната. Одличниот стратег Тасевски е гаранција за успех и ако успее да го спроведе планот докрај, Силекс повторно ќе биде тврд орев и незгоден ривал и за главните фаворити за титулата, Вардар, Шкендија, Пелистер и Работнички.

Најново во Фудбал