ФФМ ЗАРАБОТИЛА 104 ИЛЈАДИ ЕВРА ОД КАЗНИ

Стадионите празни, а ФФМ се богати од – навивачите!

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заработила 104 илјади евра во 2015 година само од дисциплински казни, кои клубовите ги плаќале во изминатите 365 дена, стои во завршната сметка на Kуќата на фудбалот која неодамна беше усвоена на Собранието.

објавено: 11 март 2016 - 12:59

ФФМ во ставката „приходи од ангажирани комисии и стручна служба“ заработила вкупно 26,7 милиони денари (околу 400 илјади евра), а една четвртина од нив се приходи од дисциплинските казни и приходи од картони, а една половина од тие приходи се пари од котизацијата што клубовите ги уплаќаат за учество во натпреварувачката сезона (12,8 милиони денари или нешто повеќе од 200 илјади евра). Ако се собере, клубовите во земјава на годишно ниво, го полнат буџетот на федерацијата за вкупно 300 илјади евра.

Од вкупната сума на заработени пари од дисциплинската комисија, најголемиот дел од казните што клубовите ги плаќале се поради – навивачите. Иако фудбалските стадиони низ земјава зјаат празни и само на прсти може да се избројат мечевите на кои имало повеќе од 1.000 гледачи, дисциплинецот Блерим Бесими напиша „еден куп“ казни за клубовите и тоа најчесто за употреба на пиротехника од навивачите, националистичко и неспортско навивање, лоша организација на клубот... Речиси ниту еден клуб во земјава, кој има навивачи лани не беше поштеден од дисциплинските казни и најмалку минуваше со по 500 евра казна за однесувањето на навивачите на трибините. Лани најчесто беа казнувани Вардар и тетовска Шкендија, а зад нив Победа, Пелистер, Тетекс, Шкупи...

ФФМ за функционирање на своите комисии и тела кои директно се инволвирани во клупските домашни натпреварувања, троши нешто помалку од половина милион евра, од кои најголемиот дел, 23,6 милиони денари (383.000 евра) се за судиските, делегатските и контролорските налози.

Најново во Фудбал