ФФМ ГИ „ЗАМРЗНА“ ТАЛЕСКИ, ИЛИЕСКИ И БАКРАЧЕСКИ

Суспендираните шокирани од неправдата: Нѐ бркаа како кучиња, ама од фудбалот не се откажуваме!

Македонскиот фудбал е суров спорт. Платите се мали, нередовни, а понекогаш и непостоечки. Згора на сѐ многу лесно можете да ја добиете најголемата суспензија во фудбалот од шест месеци и тоа само поради тоа што си ги барате парите кои ви следуваат според договорот со клубот.

објавено: 17 февруари 2016 - 18:43

Тројца млади и талентирани македонски фудбалери ја почувствуваа сета горчина и неправда која ја носи македонскиот фудбал. Давор Талески, Дарко Илиески и Наумче Бакрачески во следните шест месеци не смеат да играат фудбал во Македонија, откако Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија вчера им ја потврди суспензијата. Суспендирани се и уште четворица други играчи, но тие најдоа ангажман во странство па ќе можат да играат фудбал во следните шест месеци.

Од Фудбалската федерација на Македонија денеска објавија и официјално соопштение зошто суспензиите на фудбалерите ќе останат на сила. Според актите и правилата на ФФМ и клубот Металург, клубот има за право да не ги исполнува договорените обврски кон фудбалерите, но фудбалерите мораат професионално да ги обавуваат своите обврски кон клубот професионално. Иронијата во целата оваа ситуација е токму тука во тие неколку напишани редови.

„Навистина сум шокиран од оваа одлука. Управниот одбор беше наша последна шанса да ги укине овие смешни суспензии со оглед на фактот дека не направивме ништо лошо. Ние само си ги баравме парите и платите кои ни следуваа од договорот. Не направивме инцидент, ниту наместивме натпревар за да добиеме шестмесечна суспензија", вели Давор Талески.

„Искрен да бидам, мислев дека оваа смешна суспензија ќе ни биде поништена и ќе преовлада правдата. Но не беше така и вчерашната одлука на Управниот одбор ме шокираше. Ние само си ги бараме правата, а ова е само знак дека ФФМ ги штити клубовите, а не и фудбалерите и особени фудбалерите како нас младите", истакнува Дарко Илиески. На истите коментари се надоврзува и Наумче Бакрачески, последниот од тројцата поранешни фудбалери на Металург кои ќе ја отслужуваат суспензијата од шест месеци.

„Не знам што повеќе да искоментирам. Шокиран сум! Потајно се надевав дека пролетва ќе можам да играм фудбал, но испадна спротивното и она најлошото", кратко искоментира Бакрачески.

Фудбалерите на Металург се решија на штрајк пред крајот на есенската полусезона, кога веќе немаа добиено четири плати. Штрајкувачи беа повеќе од десетина фудбалери. Некои имаа среќа да си ги добијат документите уште пред да стигне суспензијата, некои немаа толку среќа, па седуммина заработија шестмесечна забрана за играње фудбал во Македонија. Дел од суспендираните најдоа ангажман во странство во клубови далеку под нивното реноме, но мораа да барааат решение за да немаат „дупка" во кариерата. Некои не беа толку среќни, односно тројцата Давор Талески, Дарко Илиески и Наумче Бакрачески останаа во Македонија во надеж дека Фудбалската федерација ќе им излезе во пресрет и ќе ја поништи суспензијата.

„Ние сме казнети дека не сме ги извршувале обврските кон клубот што не е точно. Ние професионално се појавувавме на сите тренинзи, но не трениравме во знак на револт. Да потенцирам дека ние не одбивме да играме на натпреварот со Хоризонт Турново, туку не бевме на списокот за натпреварот и во истиот термин на одигрување на натпреварот од 13 часот ни беше закажан тренинг на „Железарница", каде се појавивме. Потоа дојдовме и на стадионот „Борис Трајковски" да го гледаме натпреварот и не избркаа како кучиња", вели младиот Талески.

„Никој не може да разбере дека ние немавме земено плата, ниту платено кирија. Ние четири месеци само од џеб, односно од нашите родители дома плаќавме кирија. Бидејќи не сме од Скопје. Веќе немаме земено никакви пари пола година и уште толку нема да добиеме, бидејќи ниту еден клуб нема да сака да потпише со нас и да не плаќа, а да не можеме да играме", додава Илиески.

Овие млади фудбалери на крајот на краиштата не размислуваат да го напуштат фудбалот. Иако ова ќе биде црна точка во нивните кариери во зачеток, Талески, Илиески и Бакрачески се подготвени да издржат уште шест месеци и дека оваа казна само ќе ги мотивира да докажат нешто на теренот. Тие сакаат да го кренат гласот и за сите други фудбалери на кои им се погазени основните човекови и работнички права.

„Нека се стави некој во наша кожа и да замисли како би им бил животот без плата четири месеци, а сега веќе и цела година и дали би сакале да ја работат својата работа? Фудбалот е мој живот и никогаш нема да се откажам од него, ниту по една ваква голема неправда. Оваа суспензија секако дека ќе влијае на мојата кариера, особено поради фактот што сум младински репрезентативец, а ова е моја последна година која можам да го носам националниот дрес. Се надевав дека ќе добијам шанса во квалификациите каде газиме одлично и можеби баш оваа пролет ќе се докажев и ќе можев да се надевам на трансфер надвор од Македонија. Ќе работам напорно и оваа пролет, ќе тренирам и ќе се вратам посилен и покрај сите неправди", вели голманот, кој моментално тренира со Брегалница, но нема да потпише договор со овој клуб поради суспензијата.

„Се чувствувам предадено, но нема да паднам во депресија. Премногу сум млад за да размислувам да се откажам од фудбалот, бидејќи ова е тоа што сакам да го правам во животот, односно да играм фудбал", додава Илиески.

Сите тројца фудбалери се заблагодаруваат на подршката која ја имаат од јавноста, но и од претседателот на Синдикатот на македонски фудбалери Панче Ќумбев. Тие ќе ги информираат УЕФА и ФИФА, па и другите меѓународно спортски институции за неправдата која им е нанесена па се надеваат дека тие правилно ќе пресудат.

Б.К.

Најново во Фудбал