ФФМ И МЕТАЛУРГ СЕ ИЗЖИВУВААТ, А ФУДБАЛЕРИТЕ ТРПАТ

Талески: Јадевме паштета и ајвар пет месеци, нѐ бркаа од становите, а сега уште и суспензија

Суспендираните фудбалери на Металург сѐ уште не можат да ја сфатат одлуката на Комисијата за жалби при Фудбалската федерација на Македонија, со која тие се суспендирани цели шест месеци. 

објавено: 16 јануари 2016 - 12:10

Еден од најталентираните голмани во Македонија, Давор Талески, раскажува како изгледал животот на еден млад фудбалер на Металург кој не е од Скопје, во изминатава полусезона.

„Јас навистина сѐ уште сум во шок од оваа одлука. Сметам дека ние фудбалерите не прекршивме никакво правило за да добиеме ваква строга казна и тоа само затоа што си го баравме она што ни припаѓа, а тоа е една обична просечна плата. Ние сме свесни дека во текот на сезоната игравме слабо и резултатите не беа на наша страна, па некако беше алиби за управата, но кога врзавме неколку добри резултати ни кажаа дека ќе добиеме пари. Ама ништо не испадна од тоа и не можевме веќе да трпиме“, вели младиот Талески.

Тој со право е разочаран што никој не застанал зад нив во сета оваа голгота.

„Искрено, многу сум разочаран од оваа одлука најмногу поради тоа што очекував некој да застане зад нас и да ни помогне, бидејќи ние буквално се мачевме да преживееме изминативе пет месеци. Никој не може да ни ја разбере ситуацијата, а особено на нас младите фудбалери што не сме од Скопје. На секој професионален фудбалер му треба правилна исхрана и диета, а ние секој ден бевме на паштета и ајвар. Така не се станува фудбалер, ама кога немаш пари мора да се снаоѓаш. Јас бев еден од посреќните, бидејќи сопственикот на станот во кој живеев имаше договор со Металург па јас не бев избркан од станот. Некои од моите соиграчи беа, бидејќи имаа сопствени договори за изнајмување на станот. Сите мораа да плаќаат од свој џеб за кирија, сметки, храна и превоз. Никој од раководството на Металург не се грижеше околу тоа како ние функционираме овие месеци. Испадна дека ние сами си плаќаме за да играме во Металург“, додава младинскиот репрезентативец на Македонија.

Сепак, Талески е оптимист и се надева дека правдата на крај ќе биде задоволена.

„Најтрагично од сѐ е тоа што меѓу суспендираните има македонски репрезентативци, меѓу кои сум и јас. Искрено, скршен сум од оваа одлука и не сакам да помислам дека следните шест месеци морам да ги поминам дома без фудбал. Но, сѐ уште сум оптимист дека правдата ќе биде задоволена“, раскажува младиот Давор Талески.

Очигледно е дека во Македонија некој сака да си игра со судбините на млади фудбалери. Наместо да се помага и развива талентот, кај нас „Куќата на фудбалот“ ја брани погрешната страна и ги уништува сопствените репрезентативци, кои буквално преживувале само да го остварат својот фудбалски сон. 

Најново во Фудбал