РАБОТНИЧКИ И РЕНОВА СО НОВИ ТРЕНЕРИ ПРЕД ПРИНУДНАТА ПАУЗА

Тасевски и Илиевски ќе дебитираат со меѓусебна пресметка

Новите стратези ќе имаат период од две недели да се запознаат со потенцијалот на своите нови тимови пред да го имаат дебито на жешкото столче на 21 октомври со дуелот на нивните нови клубови во рамките од 10. коло во Тетово.

објавено: 12 октомври 2018 - 16:30

Работнички експресно регираше по спогодбената разделба со Ѓоре Јовановски на почетокот од неделава, за да се договори со Жикица Тасевски. За разлика од „романтичарите", Ренова подолго размислуваше кому да му ја укаже довербата, па на крајот се одлучи за искусниот поранешен македонски селектор Никола Илиевски – Џиџи. Откако ја напушти клупата на Ренова, Јетон Беќири, во последните три првенствени кола „гипсарите" успешно ги предводеше директорот Лирим Саити.

НОВИТЕ ТРЕНЕРИ ИМААТ ВРЕМЕ ДА СЕ ЗАПОЗНААТ СО ТИМОВИТЕ

Кој колку и како се аклиматизирал на новата средина, Тасевски и Илиевски ќе имаат можност да покажат на теренот во меѓусебна пресметка во Тетово, во рамките од 10. коло, прво од вториот натпреаврувачки кируг кога Ренова го пречекува Работнички. Првиот дуел во Скопје го доби Ренова (4-3).

„Со професионална работа на сите во клубот, почнувајќи од нас тренерите, играчите, раководството и сето тоа помогнато од навивачите очекувам Ренова да игра допадлив фудбал и на секој натпревар да го дава максимумот. Има квалитет и потенцијал во овој тим за пласман во горниот дел од табелата", вели Илиевски по првиот одржан тренинг на кој се запознаваше со екипата.

И Тасевски, кој е повратник во таборот на „романтичарите" го одработи првиот тренинг во Градскиот Парк.

„Амбициите мои и на клубот се идентични, да се бориме за место кое ќе му обезбеди на клубот излез во Европа. Работнички поседува квалитет да ги исполни овие очекувања. Почнавме со работа, но во некомплетен состав, бидејќи имаме повредени играчи и неколкумина кои се на располагање на македонските репрезентации. Ќе се обидеме да ги рехабилитираме повредените и да продолжиме да работиме со 20-играчи, а повремено да придодаваме кон првиот тим и талентирани игрчи од клупската школа", вели Тасевски.

Најново во Фудбал